Христијан Мицкоски е реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Старо-новиот претседател на опозициска партија ја доби довербата на делегатите на 17-от Конгрес што денеска се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Фото: facebook.com/MickoskiHristijan

Во работата на највисокото партиско тело на ВМРО-ДПМНЕ учествуваа 493 делегати. Своето право на глас го искористиле 492 од кои 489 го поддржале Мицкоски, додека три ливчиња биле неважечки.

ВМРО-ДПМНЕ излегува посилно, со поголем елан и енергија за времињата што доаѓаат. Народот е нестрплив да слушне решенија за промени, за визија која нема да се претвори во лага, за поинаков пристап во политиката. Им се обраќам на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на месните комитети, на општинските комитети, на комисиите, униите, на сите наши симпатизери и поддржувачи… Подответе се, нè чека работа, нè чека многу работа. Нè чека борба. Народот има очекувања и надеж од нас и мора да донесеме промени, рече стариот-новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ во дел од обраќањето пред делегатите на 17-от Конгрес на партијата.

Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ се одржа под мотото „Нова генерација за нова иднина“ и на него беше усвоена т.н. Доктрина на партијата со 16 клучни точки за идното дејствување на партијата, која според партиските челници ќе ја донесе на власт.