Во Црна Гора годишната инфлација изнесува 17,2 отсто, а најмногу поскапеле млекото, сирењето, јајцата, дрвото и пелетите, чија цена се зголемила за речиси 50 отсто, покажуваат официјалните податоци на Републичкиот завод за статистика (Монстат).

За околу 30 проценти се зголемени цените на лебот и житариците, зеленчукот, овошјето, како и наемнините што ги плаќаат станарите за нивното основно живеалиште.

Маслата и мастите поскапеа за 21,4 отсто, а месото за околу 20 проценти. Цената на производите што содржат шеќер е повисока за 23,4 отсто.

Севкупно, цената на храната и безалкохолните пијалаци во декември минатата година била за 28,9 отсто повисока од декември 2021 година.

За наведениот период цените на домувањето, водата и електрична енергија се зголемени за 16,2 отсто, услугите за сместување за 24,2 проценти, мебелот за 13,4 отсто, превозот за 12 проценти, како и облеката.

За истиот период цените на горивата се зголемени за 11,2 отсто.

Извор: МИА