Симона Халеп е хероина на шестиот натпреварувачки ден на Австралија опен. Романката го „преживеа“ дуелот од третото коло со Лора Дејвис и се пласира меѓу најдобрите 16 во Мелбурн. Првата носителка успеа да спаси три меч топки за конечни 4:6, 6:4, 15:13 против две години помладата Американка.

Романско-американската пресметка во Мелбурн парк влезе во историјата на првиот гренслем во сезоната. Само третиот сет траеше 142 минути, а со вкупниот број на одиграни гемови (48) е израмнет рекордот на турнирот во женска конкуренција. Гемови колку што одиграа Халеп и Дејвис одиграа и Чанда Рубин и Аранча Санчез Викарио во четврт-финалето во 1996 година. Американката тогаш славеше со 6:4, 2:6, 16:14.

„Никогаш досега не сум одиграла толку долг меч. За малку ќе умрев, мускулите ми откажаа, не знам како е ниту проблематичниот зглоб бидејќи не го чувствувам. Среќна сум што, сепак, издржав и победив“, рече Халеп која имаше 25 директни поени помалку од противничката.

Неколку пати за време на мечот, Романката изгледаше дека не може повеќе да се движи под пеколното сонце во Мелбурн. Настапот го заврши со пет претрчани километри и покрај повредата на зглобот во првото коло.

Дејвис беше на прагот на триумф во 22 гем во решавачкиот сет. Имаше 11:10 и 40:0 на сервис на Халеп, но Романката успеа да се „извади“ од ситуацијата.

„Во тие моменти, искрено, мислев дека сум готова. Ја опуштив, сепак раката и за среќа трипати сервирав добро. Не беше лесно меѓутоа се борев. Секоја чест и за Дејвис, одлично играше“, додаде Халеп која во четвртото коло ќе игра со Јапонката Наоми Осака.

Марија Шарапова заврши на Австралија опен

Првиот гренслем во сезоната заврши за Марија Шарапова. Анџелик Кербер ја натера Русинката да положи оружје за само 66 минути во кои загуби само четири гема (6:1, 6:3). Германката која во Мелбурн игра како 21 носителка во наредното коло ќе игра против Су Веи Хсие од Кинески Тајпеј која направи уште едно изненадување со елиминацијата на Агнешка Радванска со 6:2, 7:5.

Австралија опен

Жени, 3 коло

Халеп (1., Романија) – Дејвис (САД) 4:6, 6:4, 15:13

Ка. Плишкова (6., Чешка) – Шафарова (29., Чешка) 7:6, 7:5

Гарсија (8., Франција) – Саснович (Белорусија) 6:3, 5:7, 6:2

Кербер (21., Германија) – Шарапова (Русија) 6:1, 6:3

Киз (17., САД) – Богдан (Романија) 6:3, 6:4

Стрицова (20., Чешка) – Пера (САД) 6:2, 6:2

Хсие (Тајпеј) – А. Радванска (26., Полска) 6:2, 7:5

Осака (Јапонија) – Барти (18., Австралија) 6:4, 6:2

Мажи, 3 коло

Федерер (2., Швајцарија) – Гаске (29., Франција) 6:2, 7:5, 6:4

Чунг (Ј. Кореја) – А. Зверев (4., Германија) 5:7, 7:6, 2:6, 6:3, 6:0

Тим (5., Австрија) – Манарино (26., Франција) 6:4, 6:2, 7:5

Ѓоковиќ (14., Србија) – Рамос Вињолас (21., Шпанија) 6:2, 6:3, 6:3

Бердих (19., Чешка) – Дел Потро (12., Аргентина) 6:3, 6:3, 6:2

Фоњини (25., Италија) – Бенето (Франција) 3:6, 6:2, 6:1, 4:6, 6:3

Фусовиц (Унгарија) – Кикер (Аргентина) 6:3, 6:3, 6:2

Сандгрен (САД) – Мертерер (Германија) 5:7, 6:3, 7:5, 7:6