Партијата на слободните демократи (ФДП) денеска даде зелено светло за почеток на коалициски преговори со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и партијата на Зелените за формирање на федерална влада.

Гледаме големи можности, но и големи предизвици. Јас сум полн со оптимизам дека преговорите за коалиција ќе завршат со договор за формирање на влада меѓу социјалдемократите, зелените и либералите, истакна лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, по состанокот на претседателството на партијата во Берлин.

Тој нагласи дека ФДП ќе биде гаранција дека новата влада нема да биде „левичарска“.

Граѓаните на изборите кон крајот на септември не избраа ориентираност кон лево. ФДП е гаранција дека владата ќе биде центристичка, додаде Линднер.

Тој ги отфрли шпекулациите за наводни расправии околу поделбата на ресорите во новата влада. Медиумите објавија дека Линднер и потпретседател на Партијата на зелените, Роберт Хабек, претендираат за функцијата министер за финансии.

Преговорите за формирање коалиција добија согласност во петокот од претседателството на СПД, а вчера и од раководството на Зелените. Доколку преговорите бидат успешно завршени, новиот германски канцелар ќе стане кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц.