Германската влада денеска одобри испраќање на тенкови „Леопард 2“ во Украина, првично 14 од овие борбени возила, како и нивен реекспорт од земјите партнери, пренесува Билд.

Целта е со овие тенкови брзо да се формираат два баталјони во Украина, а наскоро ќе започне обуката на украинските сили во Германија, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебстрајт.

Во соопштението на владата во Берлин се прецизира дека во првата транша на Украина ќе и бидат испорачани 14 „Леопарди“ од германските воени резерви, пренесе Ројтерс.

Германија ќе обезбеди и логистика и муниција, се вели во соопштението.

Одлуката на Германија сега го отвора патот за Полска, Шпанија и Норвешка, кои претходно најавија дека се подготвени да испратат тенкови.

„Оваа одлука ја следи нашата добро позната линија на поддршка за Украина колку што можеме. Дејствуваме во тесна координација на меѓународно ниво“, рече Олаф Шолц во Берлин.