Сумирана е буџетската 2022 за општините, на приходната страна дел успеале да го надминат планот но дел потфрлиле, особено кај даночните приходи. Лани кај голем дел од општините се забележува дека трансферите од власта, кои претставуваат најдоминантна ставка на приходната страна, се пониски во однос на планираните.

Според анализата на Порталб.мк  со вклучени дотации и трансфери, општина Арачаиново лани прикажала зголемени приходи во касата во однос на планот и тие изнесувале скоро 2,1 милион евра. Новите податоци за целата 2022 покажуваат дека сепак оваа општина не успеала да ги наплати сите планирани средства по основ на даноци.  Од данок на имот, кој е еден од носечките за сите општини, се собрале 38 650 евра или 99 отсто во однос на планот а позначајно потфрлување има кај данокот на доход од кој се собрале 16 300 евра или нешто повеќе од една третина во однос на планот. Од државата оваа општина добила скоро 2 милион евра што за разлика од другите општини каде има намалување на овие средства, за Арачиново има зголемување во однос на планот.

Скопската општина Чаир потфрлила во однос на планираните приходи кои во 2022  изнесувале 13,7 милион евра што е за 1,3 милион евра помалку во однос на планот. Од данокот на имот се наплатиле 1,3 милион евра што е за 11 отсто повеќе во однос на планот. Оваа општина лани од другите нивоа на власт добила скоро 8,8 милиони евра. Потфрлување има кај данокот на доход од кој се наплатиле 388 150 евра.

Општина Тетово лани не успеала да ги оствари сите планирани приходи – во касата се слеале вкупно 24,8 милион евра што преставува само 88 отсто од планираните. Општинската власт наплатила поголем износ од планираниот кај данокот на имот од кој се слеале скоро 2,7 милион евра што е за 30,3 отсто повеќе. Повеќе од планираните се собрале и средства по основ на данок на имот додека помалку во однос на планот има кај наплатата на такси и надоместоци, продажба на земјиште, други неданочни приходи. Трансферите од владата биле во износ од 19,2 милион евра.

Помалку приходи во однос на планот реализирала општина Струга – финалните податоци покажуваат дека лани тие биле во износ од 17 милиони евра што е 92,2 отсто во однос на планираните. Од данок на имот биле наплатени 1,3 милион евра што претставува 96,8 отсто во однос на планот. Потфрлување има и кај приходите од наплата на такси и надоместоци и од други неданочни приходи. На сметката на оваа општина од власта биле трансферирани 11,5 милион евра.

Вкупните приходи на општина Кичево лани изнесувале 13 милиони евра или 89,8 отсто реализација во однос на планот. Од данок на имот во општинската каса се слеале 920 500 евра што е 5,2 отсто повеќе во однос на планот. Потфрлување има кај даноци на специфични услуги, такси и надоместоци и други неданочни приходи. Од централната власт трансферите изнесувале 9,9 милион евра.

Општина Гостивар лани остварила приходи во износ од 18,3 милион евра што претставува 96,2 отсто во однос на планираните.  Од данок на имот се собрале 1,4 милион евра или 5,2 отст повеќе во однос на проекцијата.  На приходната страна потфрлување во однос на планот има кај даноци на специфични услуги, такси и надоместоци, глоби и други неданочни приходи. Од нивоата на власт на сметката на Гостивар се слеале 13,8 милион евра.

Вкупните приходи на општина Дебар лани изнесувале 5,3 милион евра што претставува реализација од 82,4 отсто во однос на проекцијата, што е позначајно потфрлување во однос на останатите анализирани општини. Од данок на имот се наплатиле 169 600 евра или 87,1 отсто од планираното. Големо потфрлување има кај приходите по основ на даноци на специфични услуги, реализација од само 41 отсто а значајно помалку се собрале пари и од такси и надоместоци, глоби и други неданочни приходи. Трансферите од власта биле во износ од 4 милион евра.

Овие неколку примери не се единствени. Допрва ќе следат анализи и за останатите општини, но заеднички заклучок е дека ниту една општина не успеала да изгради финансиска самостојност така како што беше замислено со децентрализацијата.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов неодамна оцени дека дека не се задоволни од ангажманот на самите општини во прибирањето на сопствените средства, укажувајќи дека иако Владата го зголемила финансирањето, идејата на децентрализација е поголема финансиска самостојност на локалните самоуправи.

„Состојбата сега не е толку страшна, каква што била, бидејќи пред две – три години на сите општини и јавни претпријатија 50 отсто од долговите им се избришани, односно ги плати државата. Во меѓувреме Владата го зголеми учеството во финансирањето на општините. Но, мора да кажам дека ние не сме задоволни од ангажманот на самите општини во прибирањето на сопствените средства. Идејата на децентрализацијата е општините до максимум да ги искористат средствата кои им стојат на располагање за сопствено финансирање и тоа да претставува поголемиот дел од општинските буџети наспроти дотациите што ги добиваат“, рече  ресорниот министер.

Пенов разочарано констатираше и дека општините прибираат само 30 проценти од потребните расходи, а останатите 70 отсто им ги дава државата.

Клучните сегменти на децентрализацијата предвидуваа децентрализација на власта, фискална децентрализација, територијална организација и јакнење на капацитетите на општините. Освен новата територијална поделба која се спроведе успешно, останатите цели останаа само на хартија, а меѓу општините и централната власт постојано тлеат тензии во однос на финансиите, па дури се случува парите да се користат и за политички притисоци или фаворизирања во зависност од тоа која партија е на власт во Владата а која во општините.

С.К.