Интересот од потенцијалните инвеститори не запрел, некои планови можеби се пролонгирани, но не и откажани. Наша цел е да создадеме амбиент за динамичен и конкурентен бизнис, ослободен од политичките влијанија, вели Беким Емини, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во интервју за Нова ТВ.

Емини е дипломиран правник, со работно искуство во Државниот пазарен инспекторат. Како медија аналитичар работел и во Канцеларијата на ОБСЕ/ ОДИХР како и во Регионалниот центар за соработка – Италија (C.R.I.C.).

Како прв човек на државната агенција задолжена за промоција и за привлекување странски директни инвестиции за себе вели дека е комуникативен човек и мотивиран да се соочи со сите предизвици транспарентно.

Освен за можностите на македонските компании да се претстават на пазарот на Обединетите Арапски Емирати, со него разговараме и за забелешките на странските инвеститори во земјава, како и за последиците што ќе ги предизвика безбедносната криза во Украина.

Г- дине Емини, неодамна се вративте од светскиот бизнис форум ЕКСПО 2020 што се одржа во Дубаи каде што Вие ги претставивте нашите можности за туризам и трговија, како и предностите што ги нудиме за инвестирање во земјата. Што им порачавте на присутните бизнисмени и кои се Вашите впечатоци за интересот за Северна Македонија?

– Expo 2020 е бизнис настан со цел создавање нови деловни можности во Дубаи, а воедно е прв светски ЕКСПО одржан во регионот на Блискиот исток. Темата и под – темите на ЕКСПО настанот имаа за цел да инспирираат иновативни идеи, пријателство и глобална соработка. Нашето претставување на саемот ЕКСПО 2020 ДУБАИ беше во насока на презентирање на инвестициските и извозните потенцијали на Северна Македонија со посебен акцент на таргет секторите: земјодeлието, ИКТ секторот туризмот и енергетиката. Она што можам да го потенцирам е дека од средбите со претставниците од компаниите кои беа присутни на настанот од Стопанската комора на Дубаи од секторот за храна и ИКТ секторот постои одлична можност за соработка со оглед на тоа дека Дубаи и ОАЕ 95% од потребите од храна ги покриваат со увоз. Нашата цел е продлабочување на трговските и економските односи помеѓу Северна Македонија и ОАЕ и отварање на можности за домашните компании за влез на пазарот во ОАЕ. За таа цел Агенцијата хостираше двочасовен настан на 14.01.2022 година под наслов: „North Macedonia opportunities in travel, trade and investment”.

На настанот присуствуваа претставници од Стопанската комора на Дубаи и Абу Даби, како и претставници од компании од секторот за храна и ИТ индустријата од Дубаи. Во две посебни сесии на форумот беа презентирани и извозните капацитети на нашата земја со посебен акцент на брзорастечките индустрии – ИКТ секторот и агробизнисот, како и туристичките потенцијали и можности на Северна Македонија за развој на туризмот во сите 4 сезони од годината како и потребата од зголемување на понудата од алтернативен, рурален –селски туризам.

Кои се предностите на македонската бизнис клима во време на светска криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот со кои можеме да привлечеме нови инвестиции?

– Светската криза предизвикана од пандемијата како и за сите останати земји така и за нас беше голем предизвик со кој се соочивме. Дотогашните алатки и начин на работа брзо се променуваа и се прилагодуваа на ново настанатата ситуација при ограничени можности за патувања и средби со физичко присуство. Промоциите, настаните, состаноците па дури и конференциите се одвиваа преку интернет платформите. Но, овој период беше искористен и за лоцирање на некои „точки“ во работата или комуникација со инвеститорите кои можеме да ги подобриме.

Во зависност од тоа од кој сектор или земја доаѓа потенцијалниот инвеститор, како и совпаѓањето со нивните приоритети Северна Македонија останува привлечна дестинација при изборот на локација за водење бизнис. За време на пандемијата како најголема слабост во светски рамки се покажаа потешкотиите на оддржување на синџирот на набавки и транспортот. Северна Македонија иако е мала земја со сопствен мал пазар, сепак со нејзината местоположба и со договорите за слободна трговија овозможува пристап до милионски регионален пазар. Макроекономската стабилност, скратените бирократски процедури како и низата на мерки од Програмата за поддршка на инвестиции, спремноста и соработката на бизнисот со образованието, како и реинвестициите на веќе присутните странски инвеститори се референца за потенцијалниот нов инвеститор за да ја стави Северна Македонија на мапата за идната своја инвестиција.

На светскиот форум во две посебни сесии беа презентирани и извозните капацитети на нашата земја, а потенцијалните инвеститории беа запознаени и со можностите на брзорастечките индустрии – ИКТ секторот и агробизнисот, како и со туристичките потенцијали на земјава. Каков беше интересот за овие наши презентации, има ли конкретни барања за инвестирање, какви беа оценките на тамошните бизнисмени?

– По завршување на настанот членовите на делегацијата остварија средба и со македонскиот амбасадор во Дубаи, г-дин Абдулкадар Мемеди кој појасни дека пожелно е пред се големи компании да пристапуваат за соработки на овој пазар, бидејќи побарувањата од страна на компаниите од ОАЕ се секогаш со големи обеми и потенцијали. За време на нашиот престој во ОАЕ беа остварени состаноци со потенцијални инвеститори од ИКТ секторот и заинтересирани компании за потенцијални соработки со компании од Македонија. Беше остварена средба со компанија од ИКТ индустрија со подружница во Дубаи, но со главно седиште во Индија која има за цел да се шири на балканскиот регион.

Во делот од туризам и агробизнис беа остварени состаноци со инвеститори од Индија. На истите се дискутираше за дигитализација во земјоделството. Беше остварена и работна средба со претставници од секторот за туризам од Велика Британија која е подоготвена за соработка со компании од Северна Македонија. Сите остварени контакти добија покана да ја посетат нашата држава, а исто така нивните контакти се веќе споделени со релевантните институции.

Светските бизнис форуми се одлична можност за да се презентира инвестицискиот потенцијал на една земја, но секако и за отворање врати за нови бизнис контакти и соработка, може ли да се пофалиме на тој план во последниве пет години?

– Секако дека светските бизнис форуми се шанси кои треба да се искористат за презентирање на инвестицискиот потенцијал на земјата, воспоставување нови контакти и соработки. Но тие се исто така и можност за размена на искуства, практики, актуелности, трендови во областа. Како Агенција присутни сме на бизнис форумите и во изминатите пет години, па дури и за време на пандемијата (виртуелно).

Во македонското портфолио за привлекување инвестиции освен даночните стимулации како предност се нуди и квалификуваната работна сила, но дали тие оценки се реални со оглед на големиот одлив на професионални и стручни кадри од земјава? Странските инвеститори во земјава недостигот на стручна работна сила го бројуваат меѓу најголемите ризици за развојот на компаниите?

– Даночните стапки, но и низата останати стимулативни мерки од Програмата за поддршка на инвестициите, тука се и договорите за слободна трговија, пристапот до огромен пазар преку истите и секако квалификувана работна сила. Доколку пред неколку години во понудата беше ефтина работна сила, сега акцентот е на квалитетна и едуцирана работна сила, со повисока додадена вредност и подбро платена. Во поглед на обезбедување на кадри потребни за бизнисот неоспорна е и улогата на образованието во средните училишта, на факултетите но исто и во неформалните едукативни центри за стекнување со вештини потребни во бизнисот. Пред неколку години во некои од општините започна како проект воведување на дуално образование, а денеска имаме интерес од се поголем број на компании (според достапните информации над 200 компании) и училишта. Самите компании се заинтересирани да вложат во развојот и практичните обуки на учениците, каде на работната сила повеќе не се гледа само како на работна сила туку на инвестиција.

Правната неизвесност и предвидливоста на економската политика, неефикасноста на јавната администрација, недоволна административна грижа и поддршка на оперативно ниво, како и неисполнување на дадените ветувања и договорните обврски од страна на државата се исто така низата забелешки на инвеститорите содржани во последната анкета направена од Советот на странски инвеститори при Стопанската комора. Како да ја подобриме оваа лоша слика и што може Агенцијата за странски инвестиции да направи за да имаме позадоволни инвеститори?

– Со советот на странски инвеститори имаме редовна и добра комуникација, сите нивни забелешки за подобрување или олеснување на нивната работа се земаат предвид, односно прашањата кои што се во делокругот на работата на Агенцијата . Во Агенцијата имаме и сектор „Сервис на инвеститори“ – грижа за инвеститорот и по нивното инвестирање, кој што претставува една точка каде што инвеститорите се обраќаат за олеснување и надминување на било каква бирократска пречка или проблем кој што се јавил. Во тој правец неодамна имавме и истражување за лоцирање на било какви пречки и изнаоѓање на едно системско решение за непречено и олеснето водење на бизнисот.

Во услови на светска економска криза и пандемија колку успеавте да ги реализирате плановите за привлекување странски инвестиции во земјава? Како сега стојат работите?

– Во годишната програма за работа на АСИПИ се влучени активности кои се насочени кон тоа да овозможат бизнисот да биде растечки, развоен и одржлив во секторите кои се со најголемо учество во индустриското производство односно, електрометалната индустрија, текстилната индустрија, ИКТ и Агро секторот. Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извоз е во постојан контакт со компании од најразлични делови од светот, оттука наша цел е да создадеме амбиент за динамичен и конкурентен бизнис, ослободен од политичките влијанија, намалување на административните процедури и бариери, а со целосно искористување на претприемачкиот дух и знаења на нашите бизнисмени. Интересот од потенцијалните инвеститори не запрел, некои планови можеби се пролонгирани, но не и откажани.

Војната во Украина веќе предизвикува потреси на економски план, секако дека ќе се одрази и на бизнис релациите со странскиот капитал, но сепак би сакала да ми одговорите дали има повлекување на заинтересирани инвеститори поради безбедносната криза?

– Никој не може да остане рамнодушен како човек пред се во однос на хуманитарната катастрофа што ја носи војната, а потоа секако доаѓаат и финасиите, бизнисот, набавките, транспортот, тековните секојдневни активности кои што се афектираат и на глобалната сцена. Но, да го дадам одговорот кој се однесува до работа во Агенцијата – до сега од контактите кои што ги имаме, или со кои сме во некаква фаза на разговори не сме имале таков случај на повлекување.

Стојанка Митреска