„Отворен Балкан“ во моментов е иницијатива со највисоко ниво на поддршка и препознаеност од страна на граѓаните и меѓу другото претставува и дополнителен придонес кон регионалната стабилност, во услови на активна војна на териоторијата на Европа, вели Марјан Забрчанец, национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи во интервју за Нова ТВ. 

Лидерите Заев, Вучиќ и Рама кога ја промовираа иницијативата „Отворен Балкан“ најавија амбициозен план до 2023 година да нема граници меѓу трите земји и да има слободен проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Контролата на границите, намалувањето на корупцијата и намалувањето на државната контрола во економијата се исто така очекувани придобивки од ова регионална иницијтива која добива се поголема политичка поддршка, но и од граѓаните.

Г-дине Забрчанец пред некој ден се вративте од САД каде што како национален координатор на иницијативата„ Отворен Балкан“ оствaривте средба и со специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар кој изрази недвосмислена поддршка на оваа регионална иницијатива која поттикнува интеграција на целиот регион на Западен Балкан и подготвеност за соработка. Може ли поконкретно да ни кажете каква перспектива се отвора за „Отворен Балкан“ по посетата на македонската делегација на САД ?

– На средбите со специјалниот претставник Ескобар, со останатите одговорни лица за Европа и регионов во Стејт департментот, со претставници на Сенатот и на меѓународните организации НЕД, НДИ и Атлантски совет, во повеќе наврати беше потенцирано дека Западен Балкан има недвосмислена европска иднина и дека земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок бидејќи со тоа ќе донесат нови можности за Европа.

Од властите во САД беше изнесена силна и јасна поддршка за регионалната иницијатива „Отворен Балкан”, а како импресивна беше оценета економската и политичката соработка која се развива меѓу трите земји членки, со можност истата да се проширува. Тие особено се заинтересирани да го поддржат овој поинаков Западен Балкан кој не е базиран на 90-те туку на денешната реалност во нашиот регион. А, реалноста значи регионална соработка и отстранување на сите пречки за слободно движење на луѓе, стоки, производи и услуги.

САД се заинтересирани силно и практично да го помагаат „Отворен Балкан“ и сметаат дека атрактивноста на иницијативата само ќе се зголемува. Една од големите можности кои стојат пред нас, а за што САД ќе ни пружат поддршка, е привлекувањето странски, пред се американски и европски инвеститори кои пред себе ќе гледаат потенцијали на цел еден регион, а не само на една земја. Бенефитот ќе биде повеќестран, за државите, за инвеститорите, но пред се за граѓаните кои живеат тука во Северна Македонија, Албанија и Србија.

Огромна е побарувачката за нови пазари и нова работна сила од страна на американските и европските компании, особено во областите транспорт, испорака, ИТ, зелена енергетика итн.

Отворен Балкан е неодминлив при поврзување на Црното и Јадранското море или при поврзување на Грција со Балтикот, што не прави како регион посебно атрактивни кога се во прашање потенцијалите за инвестиции.

 Имавте средби и со претставници на американскиот Сенат, како и со претставници на меѓународните организации НЕД, НДИ и ИРИ ? Кои се впечатоците од тие средби и какви пораки донесовте за Иницијативата „Отворен Балкан“, имавте ли конкретни договори за соработка ?

– На средбите уште еднаш беше потенцирано и потврдено дека Отворен Балкан е наша, на државите членки, автентична интерпретација на Берлинскиот процес, дека е засилувач на европската интеграција на регионот и дека е во целосна усогласеност со европските политики и регулативи.

Од американска страна Отворен Балкан е препознаена и како иницијатива која ја спроведуваат институциите на земјите и во чив фокус се слободите на движење и поврзувањето.

Иницијативата е оценета и поттикната да продолжи да биде отворена за приклучување на другите земји од регионот, а особено на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Отворен Балкан има постојана политика на отворени врати и дејствува транспарентно и инклузивно со намера бенефитите од регионалното поврзување што е можно поскоро да стигнат до колку може повеќе граѓани од регионот.

Трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“ во декември, минатата година во Тирана потпишаа пет договори со кои се отвора пат кон единствен пазар на труд за граѓаните од регионот. Ваквите најави привлекоа навистина големо внимание во јавноста, пред се поради можностите за регионалното поврзување, слободното движење на луѓе, капитал, добра и услуги… Што покажуваат првичните искуства на овој план? Се спроведува ли во пракса договореното?

– Во сите области имаме сериозен и видлив напредок, а ги имаме и првите резултати на директен бенефит за реалниот сектор, во случајов за компаниите кои извезуваат земјоделски производи. Имено, сега со Отворен Балкан, сериозно се скратени постапките околу фитосанитарните, ветеринарните и останатите безбедносни проверки на квалитетот на храна и земјоделски производи, службите работат 24 часа, 7 дена во неделата, а било какви предизвици во спроведување на новиот модел на “крената рампа” брзо се решаваат преку заедничка силно изразена волја и соработка меѓу трите држави.

Компаниите и превозниците се информирани за бенефитите и олеснувањата и самите проактивно се повикуваат на Отворен Балкан и бараат брз проток на границите.

Намерата е транспортните возила и пратките од Отворен Балкан секогаш да имаат приоритет, а наскоро на граничните премини ќе видиме табли со визуелни ознаки на посебните зелена ленти за камионите од Отворен Балкан, преку кои брзо, без застој и без чекање ќе ги проаѓаат границите.

Покрај тоа, интензивно се работи на активирање на протоколите за препознавање и признавање на образовни и професионални компетенции и квалификации стекнати во образовните системи на било која од државите членки, како и на отстранување на потребата од издавање и поседување посебни работни дозволи. Со овие проекти создаваме единствен, заеднички пазар на труд во кој граѓаните се движат слободно и полесно, работат слободно, заработуваат повеќе и живеат подобро.

За таа цел, за полесно институционално обезбедување на ваквите слободи, работиме на техничко решение за Отворен Балкан единствен идентификациски број за секој од граѓаните кои имаат интерес да ги користат можностите и да ги користат нивните права за слободно економско дејствување во рамки на регионот.

Паралелно со тоа, се финализира листата на царински, гранични и инспекциски такси и давачки кои граѓаните и фирмите веќе нема да ги плаќаат при влез и излез од својата држава кон било која друга членка на Отворен Балкан.

Новите области во кои развиваме идеи, а за кои лидерите Ковачевски, Вучиќ и Рама се особено заинтересирани се областите туризам и култура, со посебен фокус на младите луѓе како корисници на придобивките.

Лидерите веќе ни дадоа задачи да развиваме проекти за промоција на регионот како потенцијал за вински туризам, за заеднички Отворен Балкан филмски продукциски фонд, за музички и културни фестивали и за размена на млади по разни програмски основи.

Лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“ во неколку наврати досега ја потенцираа отвореноста за приклучување и на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Вратите се отворени, што впрочем беше препорака и на специјалниот претставник Ескобар за приклучување на сите шест држави од Западен Балкан, очекувате ли да се вклучат во подоцнежните фази?

– Сите ние во Отворен Балкан сме уверени дека оваа иницијатива ќе станува се поатрактивна имајќи предвид дека од ден во ден се зголемува бројот на граѓани и компании кои ги гледаат, разбираат и осеќаат директно придобивките и олеснувањата.

Проширувањето на Отворен Балкан е посакувано, поддржано и неминовно ќе се случи онака како што лидерите на земјите потенцијални членки ќе осознаваат колку многу можат да му дадат на својот народ овозможувајќи му да биде дел од блиската соработка со своите соседи од регионот. Мене особено ме радува што мандатарот за премиер во новата црногорска Влада, Абазовиќ, во континуитет упатува позитивни пораки на заинтересираност за можностите кои ги нуди иницијативата, а истото постојано го прават и бизнис коморите од Црна Гора.

Македонските бизнисмени уште на почетокот ја поздравија иницијативата, но подоцна имаше најави дека ќе се формира т.н. „имплементирачки совет“, пред се поради извесни забелешки дека се можни проблеми во спроведувањето на договореното? Реални ли се таквите забелешки, за што станува збор?

– Постојат интензивни работни групи за имплементација на договорите во секоја од областите. Службеници од институциите во трите држави се во постојан дневен контакт околу имплементациите и во постојан контакт со претставниците на стопанските комори од регионот кои се наши посветени партнери и поддржувачи во оваа иницијатива. Предизвици постојат, но тие брзо се решаваат, со заеднички ангажман и со високо изразена волја секој ден да имаме нови граѓани и нови компании кои ги гледаат и осеќаат бенефитите.

Последната анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) евидентираше силна поддршка за „Отворен Балкан“ и од граѓаните. 

– Добрососедските односи во регионот и во Европа се негуваат преку регионалните иницијативи како што е Отворен Балкан. Отворен Балкан во моментов е иницијатива со највисоко ниво на поддршка и препознаеност од страна на граѓаните и меѓу другото претставува и дополнителен придонес кон регионалната стабилност, во услови на активна војна на териоторијата на Европа. Имајќи ги предвид последните истражувања на реномирани меѓународни организации и истражувачки агенции, станува јасно дека околу Отворен Балкан во земјава се гради национален консензус – имено, поддршката од страна граѓаните изнесува високи 75% во просек, а она што радува е што не постои демографска група која е со поддршка под 65%, додека кај некои од групите граѓани како што се на пример неопределените гласачи, поддршката за Отворен Балкан оди и до 85%.

Стојанка Митреска