Факт е дека бевме мета на тежок хакерски напад. Ако целта беше да нè парализираат, апсолутно не успеаја во тоа, бидејќи за неполн час ние ги споделувавме информациите преку нашите платформи на социјалните мрежи и Јутјуб каналот. Но, не беше овозможено тоа да изгледа онака убаво и за око за целокупниот аудиториум“, изјави за Нова ТВ, Добри Јанчев, генерален секретар на Државната Изборна Комисија (ДИК), кого го затекнавме на работното место на кое го минале сиот вчерашен ден, ноќта и цел ден денеска.

„Сè уште не сме си отишле дома. Вчера, ноќеска и денеска сме на работа. Во моментот додека разговараме, шест тима на ДИК одат записник по записник, рачно ги внесуваат податоците и ги контролираат и ги споредуваат бројките со оние во електронскиот внес“, вели Јанчев од ДИК која до крајот на денот најави и прес-конференција во врска со изборните резулати, но и појаснување за сето она што се случуваше со излезноста и добиените гласови што значат мандати на политичките партии на десеттите парламентарни избори.

Јанчев не знаеше детали за хакерскиот напад врз интернет страницата на ДИК, освен дека се случил. За обемот се повика на бројки што ги објавиле дел од медиумите, па спомена дека „според некои нападот бил извршен преку 31 милиони ај-пи адреси (IP address), а некои дека пишуваат за дури 80 милиони“. Но, дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР) чиј Сектор за компјутерски криминал работи на откривање на причините за пад на сајтот на ДИК. И Дерковски изјави дека нападот е пријавен и лично до првиот човек на МВР, меѓутоа без да сподели детали во јавноста, освен дека станува збор за хакерски напад од странство што допрва ќе се испитува.

Последиците се познати на јавноста – мноштво контрадикторни информации за број на освоени гласови и мандати во новиот состав на македонското Собрание, дилема што беше присутна и денеска.

„Дуна“ ја победила „Ај Воут“ во трката за софтверско решение, но тендерот бил обжален и поништен

Во јавноста, на социјалните мрежи и во медиумите веднаш почнаа да кружат информации, кои засега остануваат во доменот на шпекулации, и сомнеж за валкани игри околу случувањата. Дел го вперуваат прстот во ДИК и вината ја лоцираат во неа, дел, пак, во безбедноста на апликацијата за приказ на излезноста награѓаните, дадените гласови и освоените мандати на политичките субјекти на изборите. Преку тоа, пак, се нагласува и дека сајтот на ДИК бил доверен на компанијата „Дуна“, процес за набавка на софтвер што се одвивал, преведено со спортски речник, во две полувремиња.

Тендерот за набавка на софтвер, како што објави порталот sdk.mk, бил распишан на 12 февруари со рок до 16 март и на него се пријавиле две фирми – споменатата „Дуна“ и „Ај Воут“ (I vote). На предлот на Комисијата за јавни набавки во ДИК, како поповолен понудувач, работата на 28 април да и биде доверена на „Дуна“.

„Поразената“ во случајот, која го изработувала софтверското решение за сите изборни процеси од 2006 година до претседателските лани, веднаш да поднела жалба до Државната Комисија за жалби по јавни набавки и била прифатена, а тендерот поништен. Забелешките се однесувале на Изјава без електронски потпис од одговорно лице, бланко (без потпис) била и Изјавата за сериозност на понудата, Изјавата и листата со технички персонал кој ќе работи на реализација на предметниот договор, како и самата Понуда од овластеното лице што била доставена без електронски сертификат и Меморандум. Но, не било само тоа.

Во жалбата што била прифатена се навело дека „Дуна“ не ги исполнила и трите минимални услови за учество во постапката – операторот да има најмалку три референци од успешни реализации на софтверски проекти со сличен предмет, обем и функционалност, да има најмалку една референца од успешна реализација на софтверски проекти преку мобилен уред и приказ на внесени податоци на динамичен интернет сајт со најмалку 50.000 прегледи на страни во еден час и операторот да има вработено или ангажирано проектен тим со проектен менаџер, софтверски архитект и главен развивач на софтвер со искуство на најмалку две успешни имплементации.

Нов тендер не бил распишан, софтверот на „Дуна“ чини 900.000 денари

Нов тендер, по поништениот, не бил распишан, па набавката на софтверско решение за изборниот процес се реализирала со право на преговори и без објавување на оглас, што според Јанчев го овозможува членот 55 од новиот Закон за јавни набавки. Истите двете фирми кои покажале интерес биле поканети на преговори по што на 20 јуни ги доставиле и своите понуди. Одлуката повторно паднала на „Дуна“ на што „Ај Воут“ повторно поднела жалба која на 8 јули, сепак, била отфрлена како неоснована, а ДИК во меѓувреме ги спуштил критериумите за избор на најповолен понудувач. Победничкото софтверско решение на „Дуна“, според генералниот секретар на ДИК, чинело 900.000 денари што, како што дополни, е многу помалку од оние што се користеле досега.

Трајковски на Твитер: DDOS нападот на time.mk почна околу 22 ч. со постепено ангажирање на 35 „ај-пи“ адреси 

Освен интернет страницата на ДИК, онеспособени на краток или подолг рок беа и на агрегатот за вести time.mk, неколку портали, а мета бил и сајтот на МВР која на неколку часа била „невидлива“ и повторно активирана.

Со реакција на Твитер се јави и Игор Трајковски, сопственик на time.mk. Порача дека DDOS нападот на агрегаторот на вести почнал синоќа околу 22 часот, со постепено ангажирање на 35 милиони ај-пи адреси кои генерирале илјадници кликови во секунда. Вели првичниот атак продуцирал кратки прекини во функционирањето, но сајтот, сепак, го издржал за потоа да се случи и преземање на серверот.

„Дуна“: Испорачавме врвен продукт, сајтот на ДИК беше хакиран

Апликацијата поврзана со изборниот процес функционира најнормално, но страницата на Државната изборна комисија (ДИК) беше цел на хакерски напад, информираа денеска од компанијата „Дуна“.

„Апликацијата на ДУНА поврзана со изборниот процес на предвремените парламентарни избори функционира најнормално, затоа што е врвно изработен продукт. Таа беспрекорно даваше резултати за излезноста на секои пет минути. Но, страницата на Државната Изборна Комисија, каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад. Ние успешно ја завршивме работата. Доколку не постоеше оваа апликација, тогаш резултатите ќе се броеја рачно“, вели Александар Пајковски од „Дуна“.

Пајковски посочува дека апликацијата е подготвувана повеќе од пола година, со низа технички специфичности кои ги немало досега и била изработена по барање на ДИК.

„Нашата апликација е беспрекорна, но интернет страницата беше атакувана преку т.н. „софтверски тероризам“ со сили од повеќе странски држави“, посочува Пајковски.

Хакерска група Анонопсмкд: „Не простуваме, не забораваме. Очекувајте нè“

Непознати сторители вчера го нападнаа и хакираа и сајтот на агрегаторот на вести time.mk на кој се појавуваше фотографија на група која себеси се нарекува „Анонопсмкд“ под мотото „Не простуваме, не забораваме. Очекувајте н““.

„Поминаа уште едни „демократски избори“ и како што може да забележиме истата приказна е секои три-четири години, само што овојпат село гори, баба на избори оди. Ама што да правиш кога гласачкото тело е еден огромен паразит што гледа само да цица од државна ци*ка додека е заведено од празните ветувања на сите партии во оваа наша прекрасна држава“, пишува во дел од пораката на хакерската група.