Од годинава започнува реконструкција на сите државни студентски домови. Проектот е вреден околу 20 милиони евра и се очекува целосно да финализира за 30 месеци. Директорот на Државниот студентски дом – Скопје, Виктор Велевски, под чија надлежност се домовите „Гоце Делчев“, „Кузман Јосифовски – Питу“, како и „Стив Наумов“, во изјава за Фронтлајн, информира дека приоритетен во моментов е студентскиот дом во Автокоманда.

„Очекуваме домот „Стив Наумов“ да биде целосно реконструиран за околу 18 месеци. Таму објектите се во катастрофална состојба, па дури и статички работи треба да се реконструираат. Веќе претставува голем проблем бетонската плоча во „Стив Наумов“. Сето тоа е резултат на континуирано неодржување, а притоа реновирањето извршено во 2009 година воопшто не одговара на стандардите и не било спроведено како што треба“, рече Велевски.

Директорот потврди дека средствата се обезбедени преку кредитна линија, а носител на проектот за целосна реконструкција на сите државни студентски домови е Градежниот институт на Македонија.

„Ние наскоро ќе им го предадеме објектот, со дадена согласност, а кога ќе завршат сите фази на реконструкција, очекуваме да ни го предадат, како што се вели, ‘со клуч на рака’“, додава директорот Велевски.

Тој кажа дека во првата фаза реконструкцијата ќе ги опфати објектите во првата и втората зграда во „Стив Наумов“, а потоа и „Кузман Јосифовски – Питу“, а во втората фаза ќе бидат опфатени мензите и сите останати пропратни објекти.

„Оваа година на располагање за прием на студенти ќе биде само третата зграда на ‘Стив Наумов’, каде само една ламела е со добри услови. За овој студентски дом има најголеми поплаки од 1991-вата година па навака, но ништо не е поправено до сега. Летово ги саниравме тоалетите, а таму настанаа проблеми и со цевките и парноводната мрежа, објектот не беше користен и заборавен и потрошивме многу средства за да го санираме“, истакнува Велевски.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски, за време на презентацијата на капиталните инвестиции, рече дека за 2023 година се одвоени 18,3 милиони евра за инвестиции во образовната инфраструктура, односно 8,9% повеќе средства од 2022 година. Како што најави премиерот инвестициите ќе продолжат со зголемен интензитет.

Оваа најава следува по поплаките на дел од студентите кои живеат во домовите за лошите услови, иако според Законот за студентски стандард, студентскиот дом е установа која на студентите им обезбедува сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности. Сепак, она што е на хартија, не значи дека секогаш се спроведува во практика.

Подобрувањето на условите во домовите беше едно од главните барања на студентските организации, кои на 17-ти ноември организираа студентски марш, кој заврши пред Министерството за образование. Студентите воедно побараа да не се вршат измени во Законот за субвенциониран студентски оброј, за што властите им излегоа во пресрет. Измените беа повлечени, а МОН заедно со студентите работат на ново законско решение. Во меѓувреме, стана јасно дека се работи и на исполнување на нивното второ барање, односно реконструкција на студентските домови.

Од организациите истакнаа дека борбата на студентите е заедничка и само сплотени и заедно ќе успеат да ги заштитат нивните права и ќе ги исполнат нивните барања, нагласувајќи да се издвојат средства од буџетот за подобри услови во студентските домови.

„Генералната слика на  студентските домови е лоша, најлоша е ситуацијата во ‘Стив Наумов’ и затоа е приоритетен. Целта на оваа средба е да се најде решение за најголемите проблеми, на пример тоалетите во ‘Стив Наумов’, како и целата хигиена во тој дом. Ќе говориме за тоа како ќе се одвива реконструкцијата на домовите и би сакале да го знаеме планот за реализацијата на проектот“, изјави претходно за медиумите Славче Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Веднаш по критиките од студентите за честите поплави, протекувања и нехигиенски услови во домовите министерот за образование најави Акциски план кој предвидува да бидат реновирани сите студентски домови, а проектот вреден околу 20 милиони евра од Германската развојна банка ќе се спроведува во три фази во наредните три години.

„МОН веќе има добиен проект кој треба да почне што побргу. Очекувам првата фаза да биде во јануари-февруари кога е предвидено реновирање на неколку студентски домови. Акцискиот план предвидува за три години да бидат реновирани сите студентски домови  во нашата земја. Проектот е вреден 20 милиони евра и ги опфаќа студентските домови ‘Стив Наумов’, ‘Кузман Јосифовски-Питу’, ‘Гоце Делчев’, ‘Томе Стефановски-Сениќ’ и ‘Пелагонија’ во Скопје, ‘Орде Чопела’ во Прилеп, ‘Кочо Рацин’ – Битола, ‘Браќа Миладиновци’ – Штип и ‘Никола Карев’ во Охрид“, изјави министерот Јетон Шаќири.

Според планот, од почетокот на 2023 година се очекува да започнат градежните работи и во двете наредни години ќе бидат распределени, во втора и трета фаза, студентските домови што ќе бидат реновирани.

Освен што премиерот Димитар Ковачевски ги најави издвоените средства за оваа намена за буџетот за 2023 година, МОН во меѓувреме сподели и детали за реконструкцијата, а една од целите е објектите да бидат енергетско-ефикасни.

„Министерството за образование и наука почнува подготвителни активности за крупниот инфраструктурен проект кој предвидува целосна обнова на државните студентски домови и нивно трансформирање во енергетски ефикасни објекти. Со реконструкцијата ќе се обезбедат подобри услови за сместување, престој и удобност во студентските домови и тоа е еден од нашите клучни приоритети“, соопштија од МОН.

Инаку, средствата за образовна инфраструктура за оваа година ќе опфатат и изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, а ќе продолжи и изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје. /PMD/


Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline