Вкупно 27 проценти од членовите на Европскиот парламент пријавиле дополнителен приход со вкупна вредност од 3,9 до 11,5 милиони евра, се наведува во извештајот на организацијата „Транспаренси Интернешнл“.

На европратениците им е дозволено да имаат дополнителен приход, покрај пратеничките плати, но тие мора да дадат детали за нив и да бидат објавени во јавни извештаи за финансии, пренесува бриселски „Политико“.

Мониторинг групите изразија загриженост дека овие информации честопати се нејасни и дека дополнителната работа може да создаде судир на интереси.

Идентификувавме значителни дополнителни приходи и загрижувачки нејасни финансиски извештаи, рече Витор Тешеира од „Транспаренси Интернешнл“.

Во извештајот се наведува дека најголеми дополнителни приходи имаат полскиот европратеник и член на Европската народна партија (ЕПП), Радослав Сикорски, францускиот пратеник Сандро Гози и данскиот пратеник Асгер Кристенсен кои, исто така, се членови на партијата „Обнова на Европа“.

Десничарската партија „Идентитет“ и Демократската група имаат најголем процент (38) на пратеници кои имаат дополнителни активности. На второ место е ЕПП, а потоа следуваат „Обнова на Европа“ и „Зелените“. Групата со најмал број пратеници со дополнителен приход е „Левица“.