Платата на пратениците во германскиот Бундестаг е толку висока што не им е потребна друга работа. Но, ова е така само во теорија. Многумина се ангажирани и во секундарни, но добро платени работни места.

Работата на пратеник не е иста како и секоја друга работа. Тоа е занимање во кое едно лице врши висока јавна функција, но само за одреден временски период. Тие излегуваат на избори пред гласачите и повторно бараат поддршка.

Федералниот уставен суд на Сојузна Република Германија пропиша дека пратениците за време на нивниот мандат во Бундестагот сè уште можат да ги извршуваат своите редовни должности пред да влезат во парламентот, но тие немаат премногу време за таква секундарна активност, бидејќи врз основа на законот за Пратеници, нивниот мандат мора јасно да биде на прво место, односно поголем дел од работното време, тие треба да го минат на нивното работно место.

Во некои занимања што луѓето ги извршуваат самостојно, на пример адвокати, земјоделци, деловни или даночни советници, многу е полесно да имаат дополнителна активност, бидејќи оние што се сами на себеси (како нивни шефови), исто така, можат да си ја распоредат работата. За службеници кои работат во државната администрација, како полицајци или наставници на пример, но и за оние кои работат за некого, тоа е практично невозможно.

Пратенички надоместок

Основниот закон на Сојузна Република Германија во член 48, став 3 регулира дека платите на пратениците се толкави „што не им е неопходно да извршуваат други задачи“, односно дека можат добро да живеат од таа плата и дека не им се потребни други извори на приход. Како референтна вредност се зема платата на „обичен“ судија во еден од повисоките судови во Германија.

„Пратенички надоместок“, како што официјално се нарекува платата на пратеник во Германија, се редефинира на 1 јули секоја година. Во моментот изнесува 10.012,89 евра месечно, што е нешто отколку во 2020 година. Тоа е бруто сума од која се одбива данок.

Надомест на трошоци

Дополнително, секој пратеник добива и пари наменети за „надомест на трошоци“. Станува збор за паушал на кој не се плаќа данок. Со овие пари ги покриваат сите трошоци што се поврзани со извршување на пратеничкиот мандат.

Секој пратеник во принцип има две канцеларии, односно две работни места. Едната е во Бундестагот во Берлин, а другата во матичната изборна единица. Овие две канцеларии мора да се финансираат, од „надоместокот за трошоци“ се исплаќаат плати на соработниците, пратениците во Берлин изнајмуваат „втор стан“ во кој живеат додека се во германската престолнина. Висината на тој паушал се прилагодува на трошоците за живот секој 1 јануари во Германија и во моментот изнесува 4.560 евра.

Канцелариски материјал

Во текот на една календарската година, Бундестагот заседава најмалку 20 недели и во тој период пратеници мора да бидат присутни. За извршување на своите должности во парламентот, тие имаат право на сопствен, опремен кабинет од 54 квадратни метри – за себе и за своите соработници, вклучувајќи уреди за комуникација, како и мебел.

Користење на службените возила на Бундестагот е дозволено на подрачјето на градот Берлин. Покрај тоа, тие добиваат бесплатен годишен билет на германската железница, а добиваат надомест на трошоци за сите летови во Германија, под услов тие патувања да се поврзани со нивниот мандат.

Покрај тоа, пратениците годишно имаат право на максимум 12.000 евра за набавка на канцелариски материјали. Не го добиваат „на рака“, во кеш, туку со нив можат да купат разни уреди, компјутери, мобилни телефони и слично, за потребите на нивните кабинети.

Во 2009 година, на насловните страници на германските медиуми се најде т.н. „Аферата Монтбланк“. Откриено е, имено, дека повеќе од сто пратеници нарачале луксузни наливпера и хемиски пенкала од тој познат производител за вкупна сума од 68.000 евра. После тоа, тогашниот претседател на Бундестагот во 2010 година беше принуден да ја „коригира“ листата на дозволени канцелариски материјали и оттогаш на неа нема повеќе луксузни производи.

Споредни приходи

Во последниве години, во неколку наврати се дискутираше за споредните приходи на некои пратеници. Сите оние кои заработуваат пари паралелно со својот мандат, мора да ги пријават во администрацијата на Бундестагот. Во последниот состав на германскиот парламент, тоа го направија третина од пратениците.

Фондацијата „Ото Бранер“, која работи во рамки на Синдикатот на металците, објави студија според која Либералите (ФДП) биле особено активни во однос на секундарниот приход, при што дури 62 отсто од пратениците имале екстра приход „од странство“ додека меѓу демохристијаните на ЦДУ/ЦСУ – 42 отсто. Четворица пратеници на ЦДУ/ЦСУ и еден на ФДП изјавија дека заработуваат над еден милион евра годишно од дополнителни активности.

Реформа и (не)транспарентност

Бројните скандали околу дополнителните приходи доведоа до преработка на законските правила во 2021 година. Во иднина, сите пратеници мора прецизно да го наведат износот на дополнителниот приход и тоа до цент, но само под услов да заработат повеќе од 1.000 евра месечно од такви активности или повеќе од 3.000 евра годишно. Тие, исто така, мора да пријават сосопственички удел во компанија, но само ако е повисок од 5 отсто.

Посебно згрозување оваа година, среде пандемија, предизвика т.н „афера со маски“. Пратеници на Демохристијаните инкасираа милиони евра како провизија за набавка и испорака на заштитни маски до сојузните, односно министерствата за здравство на федералните провинции. Како последица на таа афера дојде регулативата според која пратениците повеќе не смеат да делуваат како платени лобисти кон сојузната влада или Бундестагот. На нив им е забрането да го злоупотребуваат својот мандат во Бундестагот за свои деловни интереси.

Дали на пратениците им е дозволено да примаат подароци

Додека не беа заострени правилата за транспарентност, на пратениците им беше дозволено да примаат подароци, без ограничувања, но со забелешка дека овие подароци не смеат да бидат поврзани со каква било „контра-услуга“. Поткупот и корупцијата отсекогаш биле казниви.

Новина е што на пратениците веќе не им е дозволено да примаат никакви парични донации, ниту пак смеат да земаат надомест како компензација за предавање кое на некој начин е поврзано со мандатот.

Замениците честопати се на пат. Кога ќе добијат подарок од домаќинот, тогаш им е дозволено да ги зачуваат само оние работи со вредност до 200 евра. Поскапите подароци мора да ги проследат до претседателот на Бундестагот. Сепак, тие можат и да ги задржат за себе, но само откако ќе платат противвреднлост на подарокот во државната каса.