Претседателот на Собранието Талат Џафери претпладнево ќе има средба со координаторите на пратеничките групи, на која освен за активностите на Парламентот, треба да стане збор и за кампањата за референдумот на 30 септември.

Во петокот Џафери испрати известување до пратеничките групи во кое бара во рок од три дена да одговорат дали ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот која треба да ја спроведе Собранието, како и за тоа каква кампања ќе водат, дали ќе бидат „за“ или „против“ референдумското прашање.

Известувањето е упатено до координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Беса, како и до пратениците на ДПА и Алијансата за Албанците.

Рокот од три дена кој истекува денеска, Џафери им го дава на координаторите на пратеничките групи за да го известат дали ќе учествуваат во јавната пропаганда и за тоа дали ќе водат кампања „за“ или „против“ референдумското прашање заради планирана и соодветна распределба на овие средства за реализација на јавната пропаганда.

Само пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во петокот соопшти дека со допис го известил Претседателот на Собранието Џафери дека ќе учествува во јавната пропаганда на претстојниот референдум со бојкотирачки став.

Но од Собранието му одговорија дека парите што се издвоени за кампања нема да се делат на секој пратеник одделно, туку Собранието ќе закупи медиумски простор пропорционално врз основа на бројот на вкупниот број на пратеници кои ќе се изјаснат „за“ или „против“.

Мицкоски се изјасни дека нема да бараат пари кампања

Во кампањата „за“ референдумското прашање, според досегашните јавни настапи, ќе учествуваат партиите од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ, но и Беса, ДПА и Алијансата на Албанците.

Најверојатно само пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во кампањата за референдумот со средствата наменети за нив што Владата ќе и ги префрли на Собранието. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски и вчера истакна дека се откажуваат од парите, и дека најверојатно во среда ќе испратат официјален допис до претседателот на Собранието Џафери.

За денеска се закажани неколку седници, а во дводневна посета на Парламентот ќе бидат и неколку американски сенатори. Седница треба да одржи и Комисијата за избори и именувања, на која треба да бидат избрани први луѓе на повеќе институции и комисии, кои останаа без раководен кадар и членови.

На 29 август односно во среда е закажана собраниска седница, на која на дневен ред би требало да бидат точките што денеска ќе го минат комисискиот филтер како и други кои заостанаа пред одморите. Од кадровските прашања се очекува констатирање на престанок на мандат на пратеникот Петар Атанасов и негов избор за заменик министер во МОН, како и верификација на мандатот на неговиот насленик од СДСМ.

Во фокусот на јавноста освен прашањата за директор на ОТА, главен ревизор и одлуката за патните трошоци на пратениците, е референдумската кампања што треба да ја спроведе Собранието.