Американскиот претседател Доналд Трамп вчера доживеа голем двоен удар, откако прво, еден од неговите поранешни блиски соработници самиот призна вина, а другиот беше прогласен за виновен за финансиски криминал, случаи кои носат реална законска опасност за неговата претседателска функција.

Мајкл Коен, неговиот долгогодишен адвокат, се изјасни за виновен за осум обвиненија, вклучувајќи и дела кои се однесуваат на финансирање на кампањата и директно го поврза Трамп со скандалот со плаќање на „голема сума пари“ за замолчување на две жени со кои тој наводно бил.

Само неколку минути претходно, Пол Манафорт, поранешниот шеф на претседателската кампања на Трамп, беше прогласен за виновен по осум обвиненија за банкарска и даночна измама.

Победа за Милер во наводниот „лов на вештерки“

Двете судски драми кои се одвиваа речиси синхронизирано, создадоа ретка ситуација на опасност по функцијата за еден претседател.

-Ова е најлошиот час во целиот досегашен мандат на Трамп – не, на целиот живот”, напиша на Твитер Норман Ајзен, поранешен специјален советник на претседателот Барак Обама за етика и владини реформи.

Вчерашните два случаи, покренаа сериозни прашања во врска со она што го очекува Трамп.

Од неговиот избор досега, неговиот советник за национална безбедност, личниот адвокат, шефот на кампањата, заменик раководителот на кампањата и помошникот за надворешна политика – сите се или признале или се прогласени за виновни за некаков криминал.

Случаите произлегуваат од истрагата на специјалниот советник Роберт Милер за вмешаноста на Русија во претседателските избори во 2016 година. Двата судски случаи вчера претставуваат значајна победа за Милер, кој беше под притисок од поддржувачите на Трамп да го затвори она што американскиот претседател го нарече “лов на вештерки”.

Случај Коен

Во Њујорк, Коен призна дека  Трамп му наложил да изврши исплати што се спротивни на законите за финансирање на кампањите, чија цел била да ги спречат порно актерката Сторми Даниелс и поранешната моделка на Плејбој, Карен Мекдугал да излезат во јавноста за наводните врски со Трамп, за кои двете жени тврдат дека ги иамле со актуелниот претседател. Ниту Коен ниту Трамп не ги споменаа имињата на двете жени, но тие во меѓувреме излегоа во јавноста.

Мајкл Коен

Роберт Хузами, кој беше обвинител во случајот, а воено е и заменик државен обвинител на САД, рече дека Мајкл Коен ќе плати “многу, многу сериозна цена” за неговиот криминал.

-Ова се многу сериозни обвиненија и претставуваат модел на лаги и нечесност во значителен временски период. Тие се особено значајни кога се прават од адвокат – адвокат кој е образуван дека треба да работи на спроведување чесни и фер постапки и на почитувањето на законот, изјави Хузами з ановинарите пред судот во Менхетен, додавајќи дека Коен верувал дека е над законот.

По објавувањето на веста, една од жените во овој случај Сторми Даниелс и нејзиниот адвокат, Мајкл Авенати изјавија дека признанието на Коен треба да води до одговорот на прашањето: “што знаел, кога знаел и што направил Трамп за тоа”.

-Ако тие плаќања се кривично дело за Мајкл Коен, тогаш зошто тие не би биле кривично дело и за Доналд Трамп?, напиша на Твитер, Лени Дејвис, адвокат на Коен.

Но дали и во кој случај еден претседател може да биде кривично гонет и натаму е прашање за кое спорат правниците. Трамп негираше дека знаел за ваквите исплати во моемнтот кога тие биле направени.

Случајот го потврди самиот Коен, кој своевремено важеше за исклучително лојален на Трамп.  Тој постигна договор со федералните обвинители и самиот се  изјасни за виновен за банкарска измама, даночни измами и прекршоци за финансирање на кампањата. На рочиштето закажано за 12 декември кога ќе му биде изречена пресудата, Коен може да биде осуден на четири до пет години затвор.

Адвокатот на Коен Дејвис вчера вечер за ТВ мрежата МСНБЦ изјави дека Коен бил отворен за разговор со Роберт Милер за неговата истрага.

-Коен има многу сознанија за одредени теми кои треба да бидат од интерес за специјалниот советник и е расположен да му каже се што знае, рече Дејвис.

Дејвис меѓу редови откри дека Коен има намера со Милер да говори за “очигледната можност за заговор за корумпирање на американскиот систем за демократија на изборите во 2016 година”, како и “за хакирање на компјутерскиот систем, како и за тоа дали Трамп однапред знаел или не знаел за таквиот криминал”.

Случај Манафорт

Во меѓувреме, во Александрија, Вирџинија, по четиридневно заседавање на поротата, Манафорт беше прогласен за виновен за банкарска измама, даночна измама и непријавување на странска банкарска сметка. За обвиненијата му се заканува максимална казна затвор од десетици години.

Меѓутоа, поради тоа што тој негираше дека бил дел во нелегални активности што се наведеби во обвинението, поротата соопшти дека не може да донесе одлука за 10 од вкупно 18 точки од обвинението.

Пол Манафорт

Во текот на судењето, Манафорт не покажал никаква реакција. Но откако бил прогласен за виновен по 8 точки, тој само и намигнал на сопругата при напуштањето на судницата. Она што забележаа присутните е дека поради времето поминато во притвор тој изгледа изнемоштено, а неговата коса е побелена.

Адвокатот на Манафорт, Кевин Даунинг, за новинарите изјави дека неговиот клиент сега ги “разгледува сите опции”. Даунинг, исто така, рече дека неговиот клиент бил “разочаран од тоа што не е ослободен од сите обвиненија“.

Судењето во Вирџинија не навлезе во природата на контактите кампањата на Трамп со Русија, што е во фокусот на истрагата на Милер. Но, тоа што истакната фигура како Манафорт, кој ја водеше кампањата Трамп во клучен период од пет месеци во 2016 година, е обвинета за измами, е удар за Белата куќа и поттик за специјалниот советник, кој продолжува со истрагата на кампањата на Трамп.

Обвинителите презентираа докази дека Манафорт лажел за личните заеми и ја лажел Службата за внатрешни приходи при што во пријавите за приходи не ги внесувал оние поврзани со неговата работа како политички консултат во Украина и на други места.

Одбраната тврди дека обвинителството не успеало да докаже дека банките реагирале на лажни информации, наводно поднесени од Манафорт и го доведоа во прашање кредибилитетот на поранешниот близок соработник на Манафор, Рик Гејтс, кој е и главниот сведок во судењето.

Гејтс сведочеше дека Манафорт го замолил да помогне во фалсификување на банкарските изводи и даночните пријави и свесно да ги доставил тие записи. Според обвинението, Манафорт извршил разни измами, за раскошен начин на живот, што подразбира од купување имот  на море, до нарачка на облека кои чинеле и до 15.000 долари парче.

Изгледите дека тој е се поблиску да заврши зад решетки претставува изненадувачки крај на кариерата на Манафорт, ценет советник на републиканските претседатели, од Џералд Форд,па наваму, а некогаш и главен вашингтонски лобист и моќен посредник.

Манафорт веќе следниот месец се соочува со ново судење во Вашингтон за други обвиненија.

Трамп вчера при пристигнувањето во Чарлстон, Западна Вирџинија на партиски митинг, го повтори неговото постојано тврдење: “Ова нема никаква врска со некаков руски заговор. Овие е лов на вештерки и тоа е срамно”.

За Манафорт рече дека “добар човек”, кој работел “со Роналд Реган, со многу луѓе”.

Адвокатот на Трамп, Руди Џулијани изјави дека обвиненијата против Коен не содржат “никакви тврдења за какви било противзаконски дејства на претседателот”.

И тоа не е се…

Покрај овие два случаи кои предизвикаа потреси во Белата куќа, вчера дополнително, американското Министерство за правда објави дека Данкан Хантер, вториот член на Конгресот од кого Трамп има целосна поддршка, е обвинет за злоупотреба на пари од кампањата за лични цели, заедно со неговата сопруга Маргарет.

Ова следува откако првиот поддржувач на Трамп во Конгресот, Крис Колинс, беше обвинет за откривање на инсајдерски берзански информации пред околу две недели.

Данкан Хантер

Во соопштението од Министерството за правда се вели: “Обвинението на 48 страници детално ги содржи резултатите од истрагата, од периодот во 2009 година до 2016 година, во кој Хантер незаконски ги искористил парите за кампања за лични трошоци што инаку не би можеле да си ги дозволи“.

Средствата биле трошени меѓудругото за семејни одмори во Италија, Хаваи, Феникс – Аризона и Бојзи – Ајдахо, за школарина, за стоматолошки услуги, театарски билети и за  други домашни и меѓународни патувања за речиси десетина роднини.

Хантер исто така потрошил десетици илјади долари за помали набавки, вклучувајќи брза храна, билети за кино, викенди за голф, видео игри, кафе, домашни намирници, плаќал комунални услуги и високи сметки во ресторани.

Битката на демократите против Трамп

По вчерашните два судски случаи, демократите се обидуваат да го зголемат политичкиот притисок врз Доналд Трамп. Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси изјави дека го осудуваат “размерот на корупција и криминалот во непосредното опкружување на Трамп”.

-Признанието на Коен дека се плаќанистотици илјади долари за кандидат да влијае на изборите во 2016 година, покажува дека тврдењата на претседателот дека не знаел за тоа се далеку од вистината и го става во уште поголема правна опасност, изјави Пелоси.

Ненси Пелоси

Пелоси, исто така, се обиде да изврши притисок врз републиканските колеги кои таа ги обвини дека го поддржуваат Трамп.

-Одлуката на републиканците во Конгресот да го прикријат претседателот и неговите криминални поданици е спротивна на нивната заклетва и ја поткопува нивната обврска дадена кон американскиот народ“, додаде таа.

-Републиканците од Претставничкиот дом мора да се откажат од соучеството со претседателот Трамп и да ја потврдат својата определба дека никој не е над законот, изјави Пелоси.

Таа воедно ја пофали работата на Милер, велејќи дека обвиненијата што ги поднел се доказ дека тој и неговиот тим “спроведуваат темелни и професионални истраги, на кои мора да им биде дозволено да продолжат без мешање”.

Портпаролот на Пол Рајан, претседавачот на Претставничкиот дом од редот на републиканците изјави:

-Свесни сме за вината на Коен по овие сериозни обвиненија. Потребни ни се повеќе информации отколку што моментално има за да можеме да коментираме за ова прашање“, изјави тој.

Извор: Гардијан