Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш предупреди дека недостигот на храна поттикнат од војната во Украина може да предизвика „неухранетост, масовен глад и криза која може да трае со години“ низ целиот свет.

Говорејќи на самитот за храна во Њујорк, Гутереш апелираше до Русија да ја укине блокадата на Црното Море, која ги спречува испораките на украинско жито на прекуокеанските пазари. „Да бидеме јасни: нема ефективно решение за кризата со храна без реинтеграција на производството на храна во Украина“, рече Гутереш. „Русија мора да дозволи безбеден извоз на житото складирано во украинските пристаништа“, истакна тој.

Сепак, тој рече дека е во интензивни разговори со Русија за да се обиде да најде решение.

Украина и Русија произведуваат 30 отсто од светската пченица и експертите се загрижени дека недостатокот на снабдување ќе значи дека милиони луѓе ќе останат гладни.

Блокадата, исто така, ги зголеми и онака високите цени на житото со речиси двојно зголемување на пченицата во изминатата година. Високите цени на енергијата – исто така делумно предизвикани од војната – го поскапеа производството на ѓубрива, дополнително зголемувајќи ги цените.