Македонија со победа ги отвори квалификациите за Европското ракометно првенство во 2020 година. Националниот тим, по пауза од 13 години, имаше успешен кам-бек во Битола каде ја совлада селекцијата на Турција со 31:27 (полувреме 17:13) во рамки на групата 3.
Најефикасен во салата „Боро Чурлевски“ вечерва беше Кире Лазаров со осум гола, Дејан Манасков додаде шест, по четирипати противничката мрежа ја тресеа Стојанче Стоилов, Филип Талески и Гоце Георгиевски. За истакнување е настапот и на Борко Ристовски кој запиша двоцифрен број на интервенции (10).
Во вториот меч во групата, Исланд славеше над Грција со 35:21. Репрезентацијата на Македонија веќе во недела ќе гостува кај јужниот сосед во гратчето Кожани од 17 часот.