Андора прослави сензационална триумф во квалификациите за СП 2018 во Русија. Фудбалските лилипутанци ја понижија Унгарија со 1:0 на стадионот „Комунал“ во Ла Вела каде со истиот резултат беше совладана и Македонија во октомври во 2004 година. Единствениот погодок на средбата го постигна Марк Ребес во 26 минута по асистенција на Крис Рубио за прва радост на Андорците во групата Б, само втора во 101 квалификациски натпревар и за прекинување на низата од 66 настапи без победа во циклусите за ЕП или СП.

Холандија се врати на курс кон Русија по преземање на кормилото на Дик Адвокат. „Лалињата“ го поразија Луксембург со 5:0 и на четири кола до крајот се искачија на третото место на табелата во групата А со три бода помалку од Шведска и Франција на врвот. Во прилог на Холанѓаните беше и резултатот од Борисов каде Белорусија славеше над Бугарија со 2:1.

Фото: uefa.com

Мечот во Ротердам исфрли и два индивидуални момента. Првиот е врзан со Арјен Робен кој ја отвори голеадата на стадионот на Феенорд во 21 минута. Фудбалерот на Баерн Минхен стигна до бројката од 33 гола во националниот дрес и се израмни со Јохан Кројф и Абе Ленстра на вечната листа на стрелци во репрезентацијата.

Вториот се однесува на Весли Снајдер. Играчот на Галатасарај го потпиша вториот гол за Холанѓаните во 34 минута како круна на 131 одигран натпревар за националниот тим престигнувајќи го досегашниот рекордер Едвин ван дер Сар.

Квалификации за СП 2018 – зона УЕФА

Група А, 6 коло

Шведска – Франција 2:1

Холандија – Луксембург 5:0

Белорусија – Бугарија 2:1

Табела: Шведска 13, Франција 13, Холандија 10, Бугарија 9, Белорусија 5, Луксембург 1.

Идно коло (31 август): Бугарија – Шведска, Франција – Холандија, Луксембург – Белорусија.

Група Б, 6 коло

Летонија – Португалија 0:3

Фарски Острови – Швајцарија 0:2

Андора – Унгарија 1:0

Табела: Швајцарија 18, Португалија 15, Унгарија 7, Фарски Острови 5, Андора 4, Летонија 3.

Идно коло (31 август): Швајцарија – Андора, Португалија – Фарски Острови, Унгарија – Летонија.

Група Х, 6 коло

БиХ – Грција 0:0

Естонија – Белгија 0:2

Гибралтар – Кипар 1:2

Табела: Белгија 16, Грција 12, БиХ 11, Кипар 7, Естонија 4, Гибралтар 0.

Идно коло (31 август): Белгија – Гибралтар, Грција – Естонија, Кипар – БиХ.