Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, упати честитка до граѓаните на Македонија со која им го честита празникот 8 септември – денот на независноста.

Како држава, вели Груевски во честитката, издржавме бројни искушенија и поминавме многу премрежја. 26 години подоцна како народ и како држава повторно минуваме низ период во кој е потребно многу мудрост, храброст и одлучност во носењето на одлуките и делувањето.

„Повторно минуваме низ период во кој се отвараат прашања што длабоко задираат во нашиот идентитет и немаме веќе ни малку простор и комоција да дозволиме непромислени одлуки чии последици би ги чувстувале долго во иднина. Антидржавните и антинационалните политики мора да ги оставиме зад нас. Тргување со највисоките државни и национални интереси не смее да се дозволи. Убеден сум дека единствени и сплотени, со јасно зацртана визија и цел, ќе успееме Република Македонија да ја направиме подобро место за живеење за сите нејзини граѓани, држава каква што сакаме да им оставиме на нашите деца“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сонот на оваа генерација, според Груевски, е економски стабилна и просперитетна држава, единствена, меѓународно признаена и почитувана. „Овие цели заедно со добро трасираниот пат кон ЕУ и НАТО се насоките кон кои се стремиме и за кои секојдневно треба да работиме“.