Пилотите на Мерцедес со подобри квалификациски перформанси од колегите од Ферари во пресрет на трката за ГН на Русија. Пол-позиција во Сочи осигура Финецот Валтери Ботас, откако го мина најбрзиот круг (1:31:387 минути), десно од него во првиот стартен ред ќе биде клупскиот колега Луис Хамилтон кој забележа 0,145 стотинки послабо време.

Од вториот ред ќе почнат Себастијан Фетел и Кими Раиконен, третиот го пополнија Кевин Магнусен од Хас и Естебан Окон од Форс Индија, а меѓу најдобрите 10 резултати во сесијата за пол-позиција и оние на Шарл Леклерк (Заубер), Серхио Перез (Форс Индија), Роман Грожан (Хас) и Маркус Ериксен (Заубер).

Трката за ГН на Русија на патеката во олимписко Сочи е утре попладне од 13.10 часот. Хамилтон е лидер во генералниот пласман со 281 бод, 40 повеќе од Фетел. До крајот на сезоната, не сметајќи ја утрешната трка, ќе преостанат уште пет или во превод главните аспиранти за титулата ќе имаат на располагање уште 150 бода.