Северна Македонија во 2019 година не доби датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ). Наместо тоа, за првпат беше ставено под прашање и натамошното проширување на ЕУ, а Франција, која стави вето за Северна Македонија и Албанија, набрзо излезе и со нон-пејпер во кој го побара нов начин на водење на преговори со земјите-кандидати што, истовремено, го образложи.
За Северна Македонија, по речиси 15 години кандидатски статус и со десет последователни препораки на Европската Комисија за отворање преговори за членство, земјите-членки на ЕУ успеаја да се договорат дека на прашање ќе се навратат во 2020 година.
Недобивањето на датум за преговори беше причина за предвремени парламентарни избори во земја. Опозицијата и речиси целата јавност со обвинувања дека земјава го смени името, а сепак за возврат не доби ништо. Унијата, пак, од своја страна, преку евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, порача дека таа останува тука и ќе биде се поприсутна преку проектите за претпристапна помош, порачувајќи дека местото на Северна Македонија е во европското семејство.
Амбасадорот Жбогар, непосредно по француското вето, нагласи дека проширувањето останува стратешки приоритет за ЕУ.
„Испорачавте се што беше побарано од вас. Го исполнивте вашиот дел. Но, во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно, а за жал ние повторно го одложивме ова прашање. Го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката на Европскиот Совет во Брисел, но остануваме посветени на Северна Македонија и на регионот, рече Жбогар во таа пригода.
На прашањето дали земјава може да очекува датум на пролет, тој нагласи и дека ЕУ овој пат ќе се воздржи од лажни ветувања.
„Ова е историска грешка. Одбивањето на францускиот претседател Емануел Макрон да бидат отворени пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е голема стратегиска грешка, која сè уште може да се поправи“, оцени тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој во новиот состав на Европската комисија го презеде комесарското место за буџет и администрација.
Тој предупреди и на негативните последици што може да ги предизвика противењето на Париз да се отворат вратите на ЕУ за Скопје и Тирана, а тоа е дека желбата за реформи и нивна имплементација се намалува во сите земји од Западен Балкан, оти кредибилитетот на ЕУ е загрозен, а дополнително се поткопуваат и проевропските политички сили во регионот.
„Срамно е недобивањето датум за Северна Македонија и Албанија“, рече тогаш претседателот на ЕК во заминување, Жан Клод Јункер, кој за него недобивањето на датум е изневерување на ветеното кон овие две земји.
„Ако силата на Европа лежи во тоа да бидеме партнер од доверба, некој на кој може да се смета за да го одбрани глобалниот поредок заснован на мултилатерални правила, нашата слабост лежи во тоа што не ги одржуваме нашите ветувања, нашите и оние на нашите меѓународни сојузници. Најдобар пример е нашата политика за проширување и срамната неспособност на европските лидери да си ги одржат ветувањата за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, откако овие влади ги исполнија потребните критериуми. Почитта мора да се добие и ако сакаме да го одржиме нашиот кредибилитет, мораме да го сториме тоа што сме рекле дека ќе го сториме, внатре и надвор, напиша Јункер во својот проштален коментар за „Политико Европа“.
Државниот врв, пак, по недонесувањето датум од страна на Европскиот совет, со став дека во иднина ќе бидат помалку оптимисти. Во однос на предложената методологија на преговори, премиерот Зоран Заев изрази очекување дека таа може да се адаптира до првата меѓувладина конференција, што се одржува по неколку месеци од донесување одлука за почеток на преговори.
„Ако нè бива успеваме во тој процес и тоа е одржливо. Одиме напред. Ако не нè бива, на пример ако нарушиме состојба во медиумите, се враќаме назад. Тоа е вистински начин за трансформација на земјите-кандидати“, рече Заев и изрази уверување дека брзо ќе се донесе одлука за почеток на преговори и согласно тоа се проектира првата меѓувладина конференција.
Тој побара да се држи мотивацијата на земјава кон европскиот пат, дека членството не се бара и очекува веднаш и ја нагласи потребата од продолжување по вистинскиот пат, по патот на реформите, на трансформација на општеството.
Претседателот Стево Пендаровски, кој оствари средба со шефот на француската држава, Емануел Макрон во средината на ноември, рече дека добил гаранција оти новата преговарачка методологија ќе биде донесена најдоцна до март, како што рече, тоа е нешто во што можеме да бидеме сигурни, а сѐ понатаму е политичка одлука.
„Јас сум умерен оптимист. Не сум радикален оптимист. И од претседателот Макрон не добивме стопроцентна гаранција дека ќе има позитивна одлука до Загрепскиот самит. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побрзо, тоа значи до март најдоцна. Значи, во тој дел можеме да бидеме скоро сигурни дека така и ќе се случи. Сѐ понатаму е политичка одлука, истакна Пендаровски.
Непосредно по недобивањето датум за преговори во Скопје, кај претседателот на државата се одржа лидерска средба, на која лидерите на политичките партии ја реафирмираа европската определба на земјата. Таму беше постигнат и консензус за одржување предвремени избори. Едногласно беше потврдена интеграцијата во ЕУ како безалтернативна опција за државата.
Заклучоци на Советот на ЕУ во 2018 година и во јуни во 2019 година
Во јуни во 2018 година, Советот на ЕУ заклучи дека вратата за отпочнување преговори во втората половина на следната година останува отворена, условено со напредок во реформите. Согласно тоа, до средина на 2019 година требаше да покажеме напредок во имплементација на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, како и борбата против корупцијата како области во кои Владата ги започна реформите со планот „3-6-9“.
По усвојувањето на заклучоците на Советот за општи прашања (ГАК), комесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека подготовките за преговори од страна на ЕК ќе започнат веднаш, а со цел да се изврши скрининг процесот, да се изработи преговарачката рамка, како и да се утврдат реперите за отворање на преговорите во клучните поглавја.
Во заклучоците на Советот на ЕУ се наведува дека „потврда на заклучоците од 26 јуни во 2018 година, поздравување на историскиот Преспански договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија и се забележа препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори, базирана на позитивната проценка за постигнатиот напредок и исполнување на условите утврдени од Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на прашањето со цел да донесе јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и најдоцна до октомври 2019“.
Нон пејпер на Франција за проширувањето
Речиси еден месец по Советот на ЕУ, Франција излезе со нон-пејпер за новата методологија на преговарање, што го испрати до земјите-членки. Обновениот пристап во процесот на проширување на Унијата што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, Владата тогаш оцени оти е вреден за поздравување, затоа што, како што посочија, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.
„Дваесет години по признавањето на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и покрај преземените реформи и преземените храбри чекори за помирување како што е Договорот од Преспа, потребните длабоки и политички економски и социјални трансформации нужни за едно пристапување за ЕУ се одвиваат премногу споро и се уште без конкретните придобивки за граѓаните во земјите кандидати“, е наведено во нон-пејперот.
Се истакнува оти затоа е неопходно да се обнови пристапниот процес што ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан со конкретни мерки во однос на реформите потребни за целосно усогласување со принципите на владеењето на правото и генерално за примена на европското законодавство. Официјален Париз притоа побара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки“ и ја реафирмира и „недвосмислената поддршка“ на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
„Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој“, се наведува во францускиот документ.
Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, предлага Франција.
Со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во претпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми претпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.