Кристијано Роналдо ја доби осмата статуетка за најдобар португалски фудбалер на годината, овојпат за 2016. Лани тој го предводеше националниот тим до титула на Европското првенство, но и Реал Мадрид до трофејот во Лигата на шампиони.
Во елитното клупско натпреварување на УЕФА постигна 16 гола, меѓу нив и решавачкиот во пенал серијата против Атлетико Мадрид во големото финале. По прогласување, сепак, призна дека печат на 2016 година е ЕП во Франција и долгоочекуваниот пехар со репрезентацијата.
„Минатата година беше специјална за мене. Конечно го освоив трофејот што ми недостасуваше“, изјави Роналдо, кој претходно беше прогласен и за најдобар игра на Европа за мината година.
Зад него во португалскиот избор се најдоа Пепе од Реал Мадрид и голманот на Спортинг Лисабон, Руи Патрисио. За најдобар млад фудбалер на Португалија за 2016 година е избран Ренато Санчез од Баерн Минхен. Тренер на годината е селекторот Фернандо Сантош.