Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска во Приштина се сретнал со претседателот на македонската Влада, Зоран Заев, кому му честитал за, како што напиша на својата страница на Фејсбук, успешното заокружување на договорот со Грција и за крај на долгогодишниот спор за името, јавуваат медиумите на Косово.

„Се сретнав денеска со мојот хомолог од Република Северна Македонија, Зоран Заев, кому му честитав за успешното заокружување на Преспанскиот договор, кој ѝ гарантира на соседната држава јасна евроатлантска перспектива. Косово останува посветено на градењето на еден стабилен регион и во тој правец односите со официјално Скопје се одлични“, напиша Харадинај кој објави и слики од средбата со Заев.

Според портпаролот на македонската Влада, Миле Бошњаковски, Заев имал кратка неформална средба со премиерот Харадинај на аеродромот во Приштина, непосредно пред неговото полетување за Германија каде ќе мине неколку слободни денови во приватен аранжман.