Иако Единствена Русија освои мнозинство места на локалните избори, коалицијата на либералните опозициск партии оствари неочекуван триумф во повеќе избирачки единици во центарот на Москва, вклучувајќи ја и таа каде што гласа рускиот претседател Владимир Путин.

Партијата на Путин Единствена Русија која е на власт веќе 17 години, освои мнозинство места на изборите, но успехот на опозицијата во руската престолнина исто така не е занемарлив.

Обединетите демократи освоија 11 од 12 места во квартот Тверцкаја кој се наоѓа во непосредна близина на Кремљ, како и 12 места во квартот Гагарински, каде во неделата гласаше и Путин.

Меѓу советниците на опозицијата беше и Виталиј Шклијаров, 41 годишен политички консултант кој работеше во претседателската кампања на Берни Сандерс минатата година.

-Ова е нова ера за руската политика. Сите се шокирани, симболично е што опозицијата го контролира квартот во кој гласаше и Путин, изјави Шклијаров.

Ова гласање претставува редок триумф на руската либерална опозиција на чии кандидати често им беше оневозможено да влезат во власта, пишува Гардијан.

Меѓутоа, овојпат Кремљ одлучи да ги олесни изборните процедури во обид да спроведе како што соопштија претставници на властите во Москва, „најискрени избори досега“.