Заштитните мерки на Европската Унија за увоз на производи од челик, алуминиум и железо со кои е опфатена и Република Македонија со кои се воведуваат квоти за извоз на овие производи во ЕУ кои откако ќе бидат исполнети воведува царина од дури 25% се драматичен удар за македонската економија што на виделина ја исфрла целосната неспособност на Владата на Заев, Димитров, Шекеринска и Анѓушев, обвини денеска потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски.

Според него, „оваа четворка не направи ама буквално ништо Македонија да биде изземена од овие мерки на ЕУ“.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, вчера рече дека во петокот минатата недела ја добиле  формалната нота од Брисел за воведувањето  конечни заштитни мерки, како контрамерки на САД, со кои се ограничува извозот на члеик и алуминум во ЕУ и дека веќе имале средба и со компании од оваа индустрија

– Проценките се дека штетата би можела да биде до 100 милиони евра на годишно ниво на извозот, рече Османи и додаде дека Владата не се откажува од обидите да ја убедат ЕК дека Македонија треба да биде исклучена од овие мерки.

Но Николовски денеска рече дека штетата нема да биде 100 милиони евра, туку 200 милиони евра, директна во капацитетите кои произведуваат, како и индиректна во компаниите кои произведуваат ,како и индиректна во комапниите кои што ги опслужуваат.

-Сè на сè во 2019 година може да се очекува колапс на оваа индустрија и околу 5 000 луѓе да останат на улица, рече Николовски.

Тој во име на ВМРО-ДПМНЕ ја повика Владата да формира кризен штаб со претставници на Владата и компаниите кои се најзасегнати и проблемот да се решава на највисоко ниво, потоа да воведе даночни олеснувања за овие компании, да воведе олеснувања во делот на придонесите за здравствено, пензиско и персонален данок за работниците од овие индустрии за да не ги изгубат своите работни места, премиерот лично да тргне од главен град до главен град на земјите членки на ЕУ да се среќава со сите што ќе го примат и да моли овие квоти да не важат за Македонија и  да формира тело составено од претставници на владата и најзегнатите компании коишто активно и итно ќе почнат да бараат нови пазари за овие производи како загубата би била што помала.

Компаниите од челичната индустрија загрижени

Заштитните мерки за увоз на одредени челични производи во ЕУ, по истекот на времените мерки во почетокот на февруари идната година, внесуваат сериозна загриженост кај засегнатите компании од челичната индустрија, членки на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.

Како што соопшти Комората, ваквите ограничувања на увозот во ЕУ, во отсуство на други алтернативни решенија (близу 90 отсто од извозот на метални цевки од РМ се реализира во земјите од Европската унија и во моментов не постои алтернативен пазар за пласман на овие производи), создаваат сериозни проблеми пред договарањето на комерцијалните зделки на подолг рок, ги доведуваат во прашање почнатите и предвидените инвестициски вложувања и може да предизвикаат одредени проблеми со ангажираноста на вработените лица.

-Но, овие проблеми нема да застанат само тука, може да се очекува истите да се прошират и кај останатите поврзани компании во синџирот на снабдувањето, со што негативните последици повеќекратно ќе се мултиплицираат, смета Комората.

Оценката е дека производителите на челични цевки за кои се предвидени национални квоти, 2018 година ќе ја завршат со пласман на 180.000 тони во ЕУ, а од следната година ќе имаат квота од 110.000 тони што би претставувало намалување на приходите за приближно 45 милиони евра.

-За топловаланите дебели лимови е предвидена глобална квота, базирана на испораките во ЕУ во периодот 2015-2017 година, што под претпоставка дека квотата нема да биде потрошена до крајот на годината, би се свеле испораките во ЕУ на 100.000 тони годишно, значително помалку од оваа 2018 година. Ограничените можности за пласман, би значеле помали испораки на годишно ниво за овие производи од 120.000 тони, што би значело намалено производство за цели 4,5 месеци. Финансиските реперкусии од нереализираните приходи би биле околу 24 милиони евра, само од надоместокот за преработка, односно 78 милиони евра по полната продажна цена на лимовите. Дополнително на ова, производителите на метални цевки се соочуваат со уште еден момент, а тоа е процедурата на антидампинг истрага која е во тек кај домашните компании, наведува Стопанската комора.