Украинскиот омбудсман за човекови права Људмила Денисова тврди дека околу 3.000 цивили од Мариупол биле приведени во затворите под контрола на проруските сили во индустрискиот исток на Украина.

Денисова на социјалните мрежи објави дека Киев знае за најмалку два затвора лоцирани во источниот регион на Доњецк, едниот во регионалната престолнина Доњецк, а другиот во Оленивка, пренесува агенцијата АП.

Тврди и дека затворениците биле држени во „нехумани услови“, со несоодветен пристап до бањите и без место за лежење. Дел од затворениците биле ослободени по 36 дена, откако потпишале неидентификувани документи.

Според американската агенција, украинските власти ги повикале Обединетите нации да реагираат.