Каде и да оди Македонија, ако се обезличи нигде нема ни да стигне. И како што тргнало Македонија и нигде да не стигне, Македонците веќе еден по еден секој ден се повеќе стигаат онаму каде што се стреми Македонија, вели владиката отец Пимен во ексклузивно интервју за Нова во пресрет на најголемиот христијански празник и христовото воскресение.

Со отец Пимен разговараме и за тешкиот пат послан со трње по кој чекори Македонија, попречуван со груби провокации и бедеми од соседството, за македонскиот попис, за виртуелниот маркетинг на духовноста, за лудилото на војната….

НОВА: Господине отец Пимен Вие имате благородна мисија во странство во која како владика на Европската епархија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија во време на нашиот разговор испраќате поздрави до својата земја од Маjнц, Германија, токму на Велики Петок, или Распет Петок кој според црквата се смета за најтежок празник во христијанската религија. Како Европската епархија го празнува Велики Петок и како се подготвува за Христовото воскресение?

– Навистина благородно е да се биде во мисија меѓу својот народ, па кај и да решил некој од нив да го заработува своето парче леб. И колку и да изгледа сето тоа тешко и напорно, да се возат илјадници километри секој ден за да се стигне до секој еден наш православен Македонец, да му се овозможи барем за празниците и во неделите да се чувствува како дома, да има парче од Македонија во црковниот двор, кога ќе ги споредиме денешниве услови за патување со оние на светите апостоли од првиот век, не би било фер да се жалам. 

Од друга страна насмевката и срдечниот пречек на моите чеда, како со рака го отргнуваат од мене уморот. Нашиот живот треба да биде постојано благодарење и давање. Та нели и самиот Христос на денешниов ден го даде, го положи својот живот на Крстот заради нас и заради нашето спасение? 

Самото празнување денес во ништо не се разликува од она како се празнува низ нашите храмови на МПЦ-ОА во Македонија. Народ притекнува од сите страни, не ретко возејќи и стотици километри за да се поклонат пред Гробот Христов, да соумрат со Христа и да совоскреснат со Него преку симболичното протнување под Христовата плаштеница на која е изобразен Христос кој се полага во гробот од страна на благообразните Јосиф и Никодим. Да ја споделат тагата за Христа со своите ближни, со свештенството. А веќе во вечерните часови да се собереме во голем број на службата на оплакувањето Христово. Низ првите две стихири да си споменеме за тагата на Богородица за изгубениот Син, но и за тагата на целиот свет како Негово создание, а веќе во третата стихира полека да ја најавиме надежта во Неговото тридневно воскресение. Болката да ја претвориме во радосно исчекување.

НОВА: Во очи Велигден, празникот во кој ја славиме победата на животот над смртта, се присетуваме дека токму почитувањето на христијанските вредности и верата можат да `и пркосат на хобсовата „Homo homini lupus est!“ и дека сепак човековата природа не е состојба на војна која, за жал, е разгорена на европско тло до степен на лудило. Како да ја вратиме надежта кај човекот и во човекот?

– Токму така. Во денот кога се помирува Небесата и земјата, кога се кршат вратите на адот, а се отвораат дверите на рајот, кога смртта е победена, треба ли бројот на мртвите да го зголемуваме со непотребни војни, најголемата радост од воскресението на цели семејства да му ја претвораме во тага и болка по својот син, сопруг, татко? Нека остане волкот на волкот волк, а човек на човека човек. Не нè учеше така нашиот Господ Бог кој за нас страда, кој за нас во гроб се полага и за нас воскреснува и ни го отвара патот кон вечноста. Та немаше ли Господ Бог моќ во Гетсиманската градина, кога излегоа на Него како на разбојник да повика легион ангели за да го бранат? Имаше, но дури и на Светиот Петар кој за нож се фати му нареди да го врати мечот во кориците, бидејќи кој за нож се фати, од нож и ќе загине. Ете, Христос ни кажа и ни покажа дека не го благословува оружјето и војната, но за жал моќта што ја имаат некои светски лидери ги прави глуви за Христовите зборови. Да веруваме и да се молиме оружјето да стивне барем во овие денови на тага и радост за Христа. Ако ли не, ќе ги разбереме и Христовите зборови кога вели оставете ги мртовците да ги погребуваат своите мртовци. Ќе разбереме дека кој се оглуши пред Христа веќе е духовно мртов.

НОВА: Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА изрази сомневање во статистичката прецизност на резултатите од македонскиот попис со забелешка дека тие не ја одразуваат реалната состојба на верска припадност во земјата, настрана што како повод за сомневањето во точноста на пописот, го наведе и непопишувањето на православните Македонци во светот, што веројатно е резултат на отсуството на комуникација со нив на надлежните институции од татковината. Кој е Вашиот став во однос на ова прашање?

– Лесно би се поклопиле податоците, ако го немаше она верувам несреќно повторување на прашањето при изјаснувањето за вероисповеста. Како може да има графа Христијанин, а потоа и православен, католик, протестант итн. Та нели сите сме Христијани? Се оставаше простор попишувачот да одбере кое прашање ќе го постави прво. Кога сите оние кои се попишале општо како Христијани, кога би се доизјасниле со дополнително прашање сè би си дошло на свое место. И тоа е помалиот проблем. Поголемиот е, како што спомнавте, непопишувањето на нашата дијаспора или поточно незаинтересираноста или отпорот кон оваа статистичка операција. А ете, барем јас сум сведок на постојано зголемување на бројот на иселеници. 

Не знам колку би било коректно да се префрли вината на некои институции во државата во време кога после таквата ука-бука која се крена за попишување, одлагање и бојкотирање на пописот секој од нас, па кај и да сме, сакал или не чу, прочита дека се одржува попис и дека и дијаспората е повикана да се самопопише. Повеќе се плашам да не им дошло преку глава на луѓето од политиканството во политиката низ сиве овие години.

 НОВА: Господине отец Пимен, ги разбранувавте конзервативните духови кога пред неколку години влеговте во вирален маркетинг на духовните вредности преку социјалната мрежа Фејсбук, некои тој ваш потег го ставија на столбот на срамот, но истовремено ги освоивте симпатиите на побројните, особено младите со Вашите постови. И ова е дел од вашата благородна мисија, но како се справувате со недобронамерниците?

– Во прв момент отворањето на фејсбук профилот беше наменет за координирање на профилите на црковните општини низ европската епархија и тоа име и го носеше. Подоцна го препознав како инструмент преку кој може да се пласираат и духовни вредности, но и како место за критика кога се искривуваат или злоупотребуваат некои вредности од страна на државните моќници, што за жал некои во тоа видоа повик на медиумска војна и ја отворија. Секако, бев свесен дека кога укажуваш на пропусти или критикуваш, ќе бидеш и напаѓан и критикуван. За да бидам доследен на тој став одлучив профилот да биде отворен за секого и секој јавно да може да го искаже своето мислење. Фала му на Бога за неистомислениците и за недобронамерниците. Преку нив, еве макар и виртуелно, имам можност постојано да го вртам и другиот образ по заповедта Христова, да се молам за нив со вера дека не знаат што прават. Но, и станав свесен за некои мои слабости на кои тапкачите по рамо немаат смелост да ми укажат како би поработил на лично подобрување. 

НОВА: Како недолична ја оквалификуваа Вашата духовитост кога се пошегувавте дека не патувате во авион со човек кој може да отвори врата. Некои толку многу се навредија што во еден здив извикуваа „Боже прости му“, а ние обичните смртници останавме вчудоневидени кому треба да му се прости на црковниот великодостојник, или на народниот избраник?

– И духовитоста ја сметам за дар од Бога која може да се стави во служба на духовноста. Зарем нас ни е забрането да се насмееме, да се пошегуваме на своја или на туѓа сметка? Многу лесно, луѓе кои влегле во фрескописана црква во која светиите се претставени со мирен и сталожен лик, очекуваат и од нас живите претставници на црквата да го имаме тој лик. Но кога би ги прочитале нивните житија секако полесно ќе допреме до нивниот дух и ќе сфатиме дека и тие биле живи и конкретни личности кои и покрај строгоста на подвигот не останувале без насмевка. 

Ако била неумесна шегата и ако со тоа сум го повредил споменатиот народен избраник, јавно му се извинувам. Но, со оглед на тоа што се познаваме многу години наназад и што заедно сме се смееле на заеднички шеги, знам дека ја сфатил шегата и дека не се налутил. 

А сите оние што се соблазниле нека проштеваат. Јас немам намера да се откажам од духовитоста која стана препознатлива за мене низ годиниве.

НОВА: Љубовта меѓу младата христијанка, Лигија, и римскиот патрициј, Марк Винициј опеана во историската приказна за ширењето на христијанството го овековечи прашањето на Свети Петар до Исус „Quo Vadis Domine“… а сега во овој контекст на неправедно долго македонско чмаење на европскиот перон, блокиран со тешки провокации од бугарска страна „Кво вадис Македонија“, господине отец Пимен?

 – Можеби не сме држава со совршено уредување, можеби има и забелешки што држат место како корупцијата, пренатрупаната и трома администрација, партизираноста на институциите и слично кои ни го попречуваат патот кон унијата. Но, се повеќе станува очигледно дека посериозен проблем е напринципиелноста на самата Европа, отколку нашите слабости. Ако сме совршени, тогаш немаме потреба од било какво влегување во унија на општества со слабости. Идејата е во таа екипа да се подобруваме и да се натпреварување со останатите. 

Кога би се ставил кантар помеѓу слабостите на Македонија и отстапките што сме ги направиле досега, секако ќе натежне страната со болните отстапки. Уште посериозен проблем, според мене е, што со тоа се осоколуваат соседите и бараат уште отстапки од нас. А, најсериозен проблем е што Европската унија тоа и понатаму го толерира. 

Па ете, каде и да оди Македонија, ако се обезличи нигде нема ни да стигне. И како што тргнало Македонија и нигде да не стигне, Македонците веќе еден по еден секој ден се повеќе стигаат онаму каде што се стреми Македонија.

НОВА: Во последниот пост на Фејсбук, нè учите дека е попусто да  повикуваш на мир, ако мирот во себе го немаш. Потоа порачувате „лесни пости, ум во глава, оружје во футрола и бројаница во рака. Се читаме за Велигден! Која е вашата велигденска порака? 

– Постот завршува, но воздржанието треба да продолжи. Нека остане и пораката за ум во главата, за оружјето да молчи и за бројаницата во рака.
Радувајте се со најголемата радост на Христијаните, со победата на животот над смртта, радувајте се на разорените врати на адот, на отворените врати на рајот. И не се држете до сомнежот преку прашањето: кој се вратил од мртвите за да ни каже дали има нешто после смртта, зашто токму Христос воскреснатиот е Тој што се вратил и што и нам ни дал можност да живееме и ние вечно пред Престолот на Нашиот Бог Света Троица. 

И кога ќе изговорите Христос Воскресна или кога ќе одговорите со Навистина Христос Воскресна, верувајте во тоа што ќе го изговорите.

Бидејќи Христос Воскресна не е празна излитена фраза стара 20 века, туку е смисла на нашиот христијански живот.

Стојанка Митреска