Северна Кореја ја отфрли најновата резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се воведуваат поостри санкции и ја повтори заканата кон САД дека наскоро ќе се соочат со „најголемата болка“ што ја доживеале.

Севернокорејскиот амбасадор Хан Тае Сонг на конференцијата за разоружување на ОН во Женева, рече дека „режимот в Вашингтон експлодирал поради економски, политички и воени конфронтации, дека е опседнат со враќањето наназад на Северна Кореја како нуклеарна сила, која ја достигнала финалната фаза“.

Американскиот амбасадор за разоружување Роберт Вудс изрази надеж дека севернокорејскиот режим ќе ја чуе пораката гласно и јасно ќе избере друг пат.

Советот за безбендост на ОН едногласно усвои резолуција за нови санкции кон Северна Кореја поради шестата и најсилна нуклеарна проба.

Ублажената резолуција за да се добие поддрчка од Русија и Кина не опфаќа замрзнување на имотот на севернокорејската влада и на лидерот Ким Јонг ун, како што тоа првично бараа САД.

Со најновата резолуција му се збаранува на Пјонгјанг во наредните 12 месеци да увезува сурова нафта, но не и сите облици на течен гас, додека увозот на нафтени деривати се ограничува на два милиони барели годишно.

Со резолуцијата се забранува извоз на текстилна стока, додека на сите земји им се забранува да издаваат работни дозволи за работници од Северна Кореја, кои се всушност двата клучни извори на цврста валута за Пјонгјанг.