Во кривичниот суд во Скопје, треба да започне судењето за ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за набавката на „мерцедесот“ во предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Ова е издвоена постапка за Јанкулоска и судењето почнува од почеток, а судијката Добрила Кацарска закажа 11 рочишта за овој предмет до крајот на септември.

СЈО предложи на Јанкулоска, а судот прифати да и се суди посебно, откако адвокатите претходно приложија медицинска документација за отворено лекарско боледување поради бременоста.

За истиот предмет, експремиерот Никола Груевски доби казна затвор од 2 години, а второобвинетиот Ѓоко Поповски, доби 6,6 години затвор.

Апелација утре ќе одлучува за жалбата на Груевски за овој предмет.

Јанкулоска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување како поттикнувач. За ова кривично дело на поранешната министерка  и се заканува казна затвор од најмалку 5 години.

Според обвинението, Јанкулоска за да го исполни барањето на Никола Груевски, со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да стори кривично дело.