Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) изрече десетгодишна суспензија за рускиот судија Сергеј Лапочкин, додека летонскиот фудбалски клуб Вентспилс е казнет со седумгодишна забрана за настап во еврокуповите поради местење натпревари.

На Лапочкин му е забрането да извршува каква и да е судиска функција на национално и на меѓународно ниво до март во 2031 година.

Рускиот арбитар во март оваа година времено беше суспендиран на 90 дена поради сомневање за вмешаност во местење на резултатот на натпреварот меѓу Вентспилс и Бордо (0:1) во квалификациите за Лига Европа во сезоната 2018/19.

УЕФА соопшти дека шесткратниот летонски шампион Вентпилс е суспендиран од европските фудбалски купови заклучно со сезоната 2027/28.