Дроновите стануваат се понапредни, па терористите може да ги користат во смртоносни цели, предупреди европскиот комесар за безбедност, Џулијан Кинг. Во интервју за германскиот весник „Велт ам зонтаг“, тој посочи дека дроновите можат да бидат употребени за напади врз европските градови и нивните жители.

„Дроновите стануваат се помоќни и понапредни и затоа и се попривлечни за легитимна употреба, но и за непријателски акции“, истакна Кинг.

Тој наведе дека Европската комисија ги поддржува напорите на земјите-членки на ЕУ за формирање на мрежа за размена на информации, за зголемување на меѓународниот ангажман и за обезбедување средства за проекти за справување со опасноста од дронови.

Фото: europarl.europa.eu

Весникот го објави сценариото на француската антитерористичка агенција според кое беспилотните летала би можеле да фрлат биолошки отрови врз фудбалските стадиони.

„Велт ам зонтаг“, повикувајќи се на неименувани извори, посочува дека француската единица за координација во декември минатата година доставила таен извештај за опасноста од таков терористички напад.

Дроновите се користат за воени потреби од 60-тите години на минатиот век и имаа клучна улога во конфликтите од почетокот на Заливската војна во 1991 година.

САД и Израел доминираат на пазарот на воени беспилотни летала, додека Кина е на прво место по производство на дронови за цивилна употреба.