Претседателот Ѓорге Иванов, му честиташе на Доналд Трамп, по повод изборот за претседател на САД.
„Република Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со САД, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Македонија и за нејзините граѓани. Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија. Во нашите 25 години независност и сувереност, Република Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД“, му порача Иванов на Трамп.
Иванов во честитката вели дека е длабоко уверен дека САД под лидерство на Трамп, ќе и помогнат на Македонија во исполнување на овие стратешки цели.
„Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност“, пишува во писмото на Иванов.