Намерата што ја објавија Фајзер и Модерна, дека за околу 100 дена ќе ги ажурираат своите вакцини специфично за омикрон изгледа убаво, но искрено, не е практична! Зошто? Затоа што, додека да дојдат вакцините, практично сите ќе бидеме заразени со омикрон, со оглед на високата заразност. Но, нема место за вознемиреност! Ако се покаже, како што веќе полека се наѕира, дека омикрон предизвикува благи симптоми, тоа значи дека нова вакцина нема ни да ни треба, вели проф.д-р Драган Даниловски во интервјуто за НОВАТВ

Дали сојот омикрон е навистина голема закана за човештвото? Треба да сме подготвени и претпазливи, но нема место за паника, зашто се наоѓаме во сосема различна ситуација од онаа пред една година. Веќе светот има искуство, постојат вакцини,а голем дел од луѓето имаат веќе и природен имунитет, така што на омикрон ќе му биде мошне тешко да се пробива преку воспоставените бариери. Тој тоа се обидува да го надомести со мутациите кои му обезбедуваат зголемена заразност и заобиколување на имунитетот. Сѐ уште нема доволно податоци, но повеќе од сигурно е дека нема да предизвикува – во просек – потешки симптоми, вели во интервјуто за НОВАТВ проф.д-р Драган Даниловски, епидемиолог на Универзитетскиот Институт за епидемиологија во Скопје.

Инаку, таа веќе е регистриранa во 38 земји и има проценки дека ќе стане доминантна варијанта за 3-6 месеци.

Експлозивно ширење не би требало да се очекува

Досега се откриени 42 случаи на заразени со омикрон сојот во земјите на  Европската Унија (ЕУ), и тоа се, главно, млади луѓе. Дали тоа значи дека сепак овој сој не се шири толку брзо, како што се претпоставува ?

– Првите случаи се претежно млади луѓе, зашто тие, природно, имаат поголема динамика на движење, повеќе социјални контакти. И во многу поголема мера се невакцинирани. Не би рекол дека не се шири брзо. Тоа го потврдува ситуацијата на терен, но и проценките на неговата заразност, која се изразува со помош на базичниот репродукциски број R0 (ер-нула), кој покажува едно лице со инфекција колку други лица заразува во просек.Кога коронавирусот првпат се појави во 2019 година, тогашниот, оригинален (вухански) сој беше малку позаразен од сезонскиот грип. Тој има R0 од околу 2. Почетниот сој наСАРС-КоВ-2 имаше R0 од 2-3. За делта варијантата, R0 е 6-7.

Врз основа на математичко моделирање, истражувачи во Јужна Африка имаат проценето дека R0 на омикрон е скоро 2,5 пати повисок од оној на делта, значи, 15-17. За споредба, R0 на морбилите (малите сипаници), најзаразното заболување на планетава, изнесува 18.

Оттука, произлегува дека интензитетот на ширењето на омикрон директно (ќе) зависи од неговата способност повторно да ги зарази веќе имуните граѓани (преку прележување или вакцинирање). Врз основа на идентификуваните мутации на протеинот на шилецот (32 на број), се смета дека омикрон во голема мера ќе го заобиколува стекнатиот имунитет. Во која мера, сѐ уште не се знае.

Добра вест е што е согледано дека третата доза на вакцина кај непрележаните, потоа, една доза кај прележаните, како и двојната прележаност, го оспособуваат имунитетот да умее да се справи со било која варијанта што би се појавила – значи и со актуелниов омикрон. Тоа може да биде основната причина заради којашто експлозивно ширење не би требало да се очекува – имајќи ја предвид моментната состојба со опфатот со вакцините и – уште поважно – високата стапка на прележаност.

Едно е јасно, барем кај нас: проценетата стапка на имуни граѓани во Македонија е преку 75 проценти, за што индиректен доказ е постојаниот тренд на опаѓање на бројките – наспроти зголемениот интензитет на социјални контакти, заради  студеното време (дружби во затворено). Ако на тој факт се додаде и претпоставената релативно лесната клиничка слика што (веројатно) ја предизвикува омикрон, мислам дека треба да очекуваме умерен пораст на бројот на заразените, но не толку на хоспитализации и на починати.

Сепак, да почекаме и да видиме. Токму тоа беше причина што се залагав за карантин на секој што ќе влезе преку граница – за да добиеме на време – време во кое ќе видевме како омикрон се однесува низ светот…

И Вие изјавивте дека брзото ширење на вирусот, ако се докаже дека е така, може да значидека ќе се намали неговата јачина,  а со тоа би можело да се наѕира и крај на пандемијата. Има ли надеж и можност дека такво нешто е извесно во догледно време?

– Мислам дека сега сме сведоци на такво нешто. Убеден сум дека варијантата омикрон ќе биде последната заради која ќе се вознемируваме. Веќе од догодина би требало да очекуваме тој да се однесува „спитомено“. Тука ќе биде, покрај нас, но само како еден од многуте сезонски, респираторни вируси, како што е сезонскиот грип и обичните настинки.

Зошто? Зашто, кога и на прележаните и на вакцинираните ќе им опадне имунитетот, сигурно повторно ќе се заразат неколку месеци подоцна. Или ќе се вакцинираат (ризичните групи). Потоа, можно е да се појави нова варијанта, која (дури) може да биде позаразна и да биде во состојба да предизвика помали епидемии… Ама, базичниот имунитет кај сите ќе се зголемува. И дефинитивно, веќе нема да има шанси за пандемија – вели проф.д-р Даниловски.

Ризикот од повторна инфекција со омикрон е приближно 2,4 пати поголем 

Дали тоа што симптомите кај заразените со омикрон се обично поблаги и дека засега нема смртни случаи е најава дека овој вирус ќе прерасне во редовен, кој меѓу луѓето ќе циркулира одвреме-навреме, без да предизвикува вакви катастрофи ?

– Да, судбината на респираторните вируси воглавно е таква – да ја изгубат „силата“ и да станат наши постојани „сожители“. Дури, понекогаш – и сосема да згаснат… Појавата на варијнтата омикрон мислам дека е најава за таква судбина на короната. Првите податоци одат во прилог на претпоставката дека предизвикува полесни симптоми. Сè уште е рано да се каже дали ќе предизвикува потешки симптоми кај постарите граѓани.

Инаку, истражувачите процениле дека ризикот од повторна инфекција со варијантата омикрон е приближно 2,4 пати поголем од ризикот забележан со оригиналната верзија на коронавирусот.

Намерата што ја објавија Фајзер и Модерна, дека за околу 100 дена ќе ги ажурираат своите вакцини специфично за омикрон изгледа убаво, но искрено, не е практична! Зошто? Затоа што, додека да дојдат вакцините, практично сите ќе бидеме заразени со омикрон, со оглед на високата заразност. Но, нема место за вознемиреност! Ако се покаже, како што веќе полека се наѕира, дека омикрон предизвикува благи симптоми, тоа значи дека нова вакцина нема ни да ни треба. Зошто? Затоа што по третата доза на сегашниве вакцини, како и по  прележување и примена една доза или две прележувања, нашиот имунолошки систем, иако од заразување (со омикрон) ќе штити во многу помала мерка, сепак, ќе биде одлично подготвен да не дозволи тешки симптоми и смрт. Тоа ќе се должи на вториот слој на нашата одбрана, што се потпира на Т-лимфоцитите. Одбраната (дури) ќе биде така „истренирана“, што ќе може да реагира и против кои било други (идни) можни варијанти!

Оттука, за сите вакцинирани макар со две дози – а уште подобро со три – потоа, за прележаните – уште подобро ако тие се вакцинирани само со една доза – дури би било и пожелно да се изложат на вирусот! И да не му се кријат понатаму на вирусот, зашто со последователните, чести контакти, постојано ќе си го одржуваат титарот на антителата на заштитно ниво.

Значи, јасно е дека со короната е завршено. Ќе се оствари она што јас одамна го изјавувам – дека напролет ќе се сведе на „сезонски грип“ – нешто со што се согласни и други епидемиолози во светот. Ова е нешто што треба да нѐ охрабри, да нѐ извади од чувството на безнадежност и песимизам.

Се разбира, методот на природно „бустирање“ на имунитетот веројатно би бил премногу ризичен за постарите лица и оние со хронични заболувања. Тие, заедно со трудниците, ќе бидат понатаму ризични групи и најбезбедно би било да се вакцинираат сезонски – исто како кај грипот. Кај ковидот има една ризична група помалку отколку кај грипот – децата до пет години. Ризична група за омикронот остануваат сосема невакцинираните.

Децата ќе ги носат лузните додека се живи, зашто, буквално подивеа! 

Со оглед дека грчкиот алфабет има 24 знака, ако продолжи вака да мутира вирусот, ќе разговараме ли можеби и заваријантата Омега, (во некои песимистички прогнози за развој на пандемијата)?

– За РНК вирусите е карактеристично постојано да мутираат. Сѐ додека постои нерамномерен опфат со вакцинација на планетава, секогаш ризикот за појава на нови варијанти ќе биде висок. Но, малку е веројатно да се појави посмртоносна варијанта. Можеби ќе бидепозаразна, но дефинитивно со полесна клиничка слика.

Едноставно, во своето настојување да опстане во услови кога му се стеснува обрачот околу него, заради сѐ поголемиот број имуни лица (со прележување или вакцинирање), тој со мутирање ќе настојува да биде попродорен и да го заобиколува веќе стекнатиот имунитет на потенцијалните жртви. Истовремено, во интерес му е помалкуда ги убива своите домаќини, зашто само жив домаќин е во состојба да го расејувапоефикасно и подалеку наоколу.

Професоре, како ние да се заштитиме од сите овие мутации и самите да не “мутираме“ ? Ова секојдневно „бомбардирање“ со нови (не) проверени информации, со можни катастрофични сценарија за развој на пандемијата, сигурно оставаат траги, но и сериозни последици по нашето физичко и психичко здравје. 

-„Несреќата никогаш не доаѓа сама!“ Глобалните катастрофи, каква што е пандемијава, тоа го потврдуваат. Пандемијата ќе стивне, кога-тогаш. Болните ќе оздрават, болката за трагично изгубените животи полека ќе стивне до некое подносливо ниво.

Но, лузни ќе останат – лузни физички, заради пост-ковид синдромот, лузни заради неможноста да се добие медицинска помош за „редовните“ заболувања, лузни во душите – заради предолгото траење на стресот, стравот, гневот, револтот… Лузни социјални… Лузни врз децата… кои ќе ги носат додека се живи, зашто, буквално подивеа…

На многумина од нас лузните ќе ни бидат за измудрување, отрезнување… ќе нѐ потсетуваат колку сме, всушност, кревки и ранливи… и колку е важно заедништвото.

Верувам, никогаш повеќе нема да се случи да бидеме неподготвени и сосема затечени од некој нов предизвик – не само како поединци, туку и како општество(а). Секогаш, „секое зло е за добро“, во крајна линија. Ќе мораме (ли) да се навикнуваме на некоја „нова нормалност“!?

Љубица Балабан