Обединетите Нации (ОН) соопштија дека се подготвуваат за можно иселување на уште половина милион бегалци од Авганистан до крајот на 2021 година.

Во моментот има вонредна хуманитарна состојба во Авганистан, изјави заменичката на високиот комесар на УНХЦР, Кели Клементс.

И „ова е очигледно навистина динамична ситуација“, рече таа, објаснувајќи дека УНХЦР планира акции за различни сценарија, вклучително и масовно иселување.

Се подготвуваме за околу 500.000 нови бегалци во регионот. Тоа е најлошото сценарио, рече таа.

Клементс особено ја нагласи потребата за засилување на поддршката за соседните земји, кои веќе прифаќаат повеќе од 2,2 милиони авганистански бегалци и кои наскоро може да бидат сведоци на нов прилив.