Непримерно и нездраво е да се поставуваат ултиматуми на Бугарија – вака бугарскиот Претседател Румен Радев ја коментира последната изјава на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи кој оцени дека јуни е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу двете држави.

Радев кој беше дел од церемонијата кај нашиот источен сосед за жртвите дадени во борбата против фашизмот, уште еднаш потврди дека Бугарија се соочува со притисок од меѓународните партнери за да го крене ветото за Македонија, и додаде дека треба да се види дали и Владата на Петков ќе одолее на притисоците.

„Крајно е несоодветно и нездраво да се зборува за Бугaрија и да се поставуваат некои ултиматуми. Притисокот беше уште поголем минатата година. Јас издржав на тој притисок и преодната влада го издржа тој притисок два последователни совети за проширување. Така што може да се издржи на тој притисок кога се има јасни позиции кои го одразуваат не само бугарскиот интерес туку и вистината. Гледате ли такви дејствија од страна на Владата, вие велите „јас издржав“, тие ќе издржат ли? Останува да видиме.“, рече тој.