Ракометната репрезентација на Македонија оствари победа против Србија со 37:31 (19:13) во првата од двете контролни средби пред Светското првенство во Германија и во Данска од 10 до 27 јануари.

Вечерва во ВИП арена „Борис Трајковски“, избраниците на Раул Гонзалез одиграа одличен меч во кој и доминираа во целиот негов тек. Во 42. минута, „црвено-жолтите“ стигнаа и до двоцифрена предност (27:17) за потоа смирено да го приведат натпреварот до крај за конечни плус шест.

Најпрецизни во македонскиот состав беа Дејан Манасков со 9 гола, Филип Кузмановски постигна шест, а Кире Лазаров додаде 5 погодоци. Прв стрелец кај гостите од Србија беше Мијајло Марсениќ со 3 гола. Двете селекции утревечер ќе одиграат уште еден натпревар зад затворени врати.