Обвинителката Вилма Русковска, по изрекување на пресудите во случајот „Рекет“, побара укинување на мерката куќен притвор за поранешната шефица на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), Катица Јанева и одредување на мерка притвор што беше одбиено од судечкиот совет на чело со Васка Николовска Масевска. Бојан Јовановски, пак, останува во притвор во затворот Шутка.

Како причините за таквото барање, Русковска ги наведе опасноста од бегство на Јанева со оглед на висината на казната и предистрагата што се води во Обвинителството за злоупотреба на службена должност и овластување.

Бранителите на Јанева, пак, побараа од судот Јанева да биде на слобода до правосилноста на пресудата при што наведоа дека не постојат дејствија што укажуваат на можно бегство. Поранешната шефица на СЈО беше уапсена лани, на 21 август, и заврши во притвор, мерка што на 19 ноември беше заменета со куќен притвор.