Одлуките за измени и дополнувања во Законот за помилување и Законот за приватноста кои вчера експресно беа изгласани во Собранието без присуство на опозицијата се еднострани одлуки на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и истите ќе ги погазат, како и многу еднострани одлуки порано. Ова е коментарот на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов на вчерашната седница во Собранието која опозициските пратеници ја бојкотираа.

-Сите еднострани дејствија преземени од криминалната коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ досега си ги погазија. И едностраните дејствија за погребување на Договорот од Пржино исто така во блиска иднина ќе ги погазат. Едностраното сценарио на криминалната коалиција предвидуваше и носење на законите кои беа на дневен ред вчера. Законот за бомбите е спротивен на Венецијанската комисија, тие луѓе нема да може да избегаат од вистината од правдата – ќе одговараат, порача Шилегов.

Тој посочи дека за сите понатамошни чекори на СДСМ и пратеничката група ќе бидат одржани состаноци со што тие ќе ги прецизираат понатамошните чекори.

Инаку вчера пратениците од владејачкото мнозинство со со 63 гласа „за“ одлучија да се направи  дополнување на Законот за помилување, со кој на Претседателот на државата му се дава можност да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој Закон при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.

Со дополнувањето на овој Закон лицето за кое е донесена одлука за помилување ќе има право до Претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување, а тој е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето да ја поништи донесената одлука.

Измените во Законот за заштита на приватноста предвидуваат забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки.

Законот предвидува и затворски казни за „Тој што ќе објави прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот“ (од еден месец до една година), како и за „Тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана“ (затвор до една година) – доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот (оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес). И оваа одлука е на 63 пратеници, а ќе отпочне да се применува од 1 јули 2017 година.

Шилегов на денешната прес-конференција побара Антикорупциска да отвори предмет и за вицепремиерот Владимир Пешески, откако БИРН обелодени дека тој е директор на кипарска компанија.