Полицијата соопшти дека на едно од оружјата употребени во нападот бил испишан говор на омраза, но дека засега не е утврдена конкретна закана насочена директно кон Исламскиот центар
Тројца возрасни мажи загинаа во пукање пред Исламскиот центар во Сан Диего, најголемата џамија во градот, а американските власти го истражуваат нападот како можно злосторство од омраза. Двајцата осомничени, тинејџери на возраст од 17 и 18 години, биле пронајдени мртви во автомобил во близина на местото на нападот, соопшти полицијата, објави „Си-ен-ен“.
Според досегашните информации, драмата почнала вчера околу 9.42 часот наутро по локално време, кога мајка пријавила дека нејзиниот син исчезнал, дека од домот недостигаат нејзиното возило и неколку оружја, како и дека момчето е со уште еден човек, двајцата облечени во камуфлажна облека.
Полицијата потоа ја проширила потрагата и користела системи за читање регистарски таблички, а биле испратени и полицајци во средното училиште „Медисон“ поради можна поврзаност со еден од осомничените.
Во 11.43 часот полицијата добила пријава за активен стрелец во Исламскиот центар. Четири минути подоцна, полицајците пристигнале на местото и пред џамијата пронашле три жртви. Потоа влегле во џамијата и во соседното училиште, пребарувајќи просторија по просторија. Во исто време, неколку блока подалеку, напаѓачите пукале кон работник за одржување зеленило, кој преживеал откако куршумот, според полицијата, се одбил од неговиот шлем.
Обезбедувачот загинал спасувајќи луѓе
Еден од загинатите бил обезбедувач во џамијата, кого полицијата и неговите блиски го опишуваат како човек што со својата реакција помогнал да се спасат животи.
Неговиот пријател, Сем Хамидех, изјави дека обезбедувачот бил татко на осум деца и човек длабоко поврзан со заедницата.
Во рамки на џамијата има и училиште за деца од градинка до трето одделение, а директорот на Исламскиот центар соопшти дека сите деца, наставници и вработени се безбедни.
„Поопшт говор на омраза“
Полицијата соопшти дека на едно од оружјата употребени во нападот бил испишан говор на омраза, но дека засега не е утврдена конкретна закана насочена директно кон Исламскиот центар.
Според полицискиот началник Скот Вол, станувало збор за поопшт говор на омраза, а мотивот сè уште се истражува. На истрагата работат локалната полиција, ФБИ и државното обвинителство. ФБИ соопшти дека на терен има специјални агенти, тимови за докази, експерти за експлозиви и служби за поддршка на жртвите.
Еден од осомничените бил поранешен борач
Еден од осомничените е идентификуван како 17-годишниот Каин Кларк, средношколец и поранешен борач. Според училишните власти, тој претходно учел во основното училиште „Кејт Сешнс“ и во Училиштето за креативни и изведувачки уметности во Сан Диего, а од 2021 година бил запишан во онлајн-програмата „Ај-хај виртуал академи“.
Бидејќи средното училиште „Медисон“ се сметало за негово реонско училиште, тој можел таму да учествува во спортски активности и бил член на боречкиот тим во периодот 2024–2025 година. Годинава, според портпаролот на училишниот округ, не учествувал во училишни активности.
Неговите баба и дедо, Дејвид и Дебора Кларк, изјавиле за „Си-ен-ен дека“ се во шок и дека „се обидуваат да го процесираат“ тоа што се случило. Тие рекле дека им е „многу жал за тоа што се случило“, но не сакале дополнително да коментираат.
Поранешен негов тимски колега од боречкиот тим, кој побарал да остане анонимен, го опишал Кларк како домашно школуван ученик што се обидувал да се вклопи и да најде пријатели. Тој рекол дека никогаш не го слушнал Кларк да изразува исламофобични или расистички ставови, ниту, пак, видел насилно однесување кај него.
Исламскиот центар ќе остане затворен
Исламскиот центар во Сан Диего соопшти дека ќе остане затворен до понатамошно известување, додека заедницата тагува по нападот. Во соопштението центарот им се заблагодари на првите одговорни служби, безбедносниот тим и на локалните лидери, наведувајќи дека нивната брза реакција помогнала да се заштитат животи.
На семејствата и погодените од нападот ќе им биде понудена психолошка и друга поддршка.
Нападот го осудија гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом, њујоршкиот градоначалник Зохран Мамдани, сенаторот Линдзи Греам и конгресменката Зои Лофгрен.
Демократскиот кандидат за Конгресот, Амар Кампа-Наџар, кој како дете учел во училиштето при џамијата и познавал една од жртвите, изјави дека ова е „трагедија за Америка“, а не трагедија само на една заедница.




