Словенечката влада е во преговори со швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“ за производство на вакцини против ковид-19 во Словенија, објави „Дело“. Интензивните контакти меѓу словенечката влада и „Новартис“ траат неколку месеци, откако словенечкиот премиер Јанез Јанша се сретна со Ричард Сајнор, директор на „Сандоз“, оддел за генерика во „Новартис“, во мај, објавувајќи дека производството на вакцини во Словенија може да почне пред крајот оваа година, наведува весникот.

Преговорите се однесуваат на деловните услови во Словенија и нејзиниот даночен систем, а не на можните финансиски стимулации за инвестиции на „Новартис“ во Словенија. Во врска со можното проширување на производството во областа на вакцините и биолошките лекови, од „Лек“ соопштија дека тие „активно го испитуваат“.

Средбите со претставниците на „Лек“ и контактите со швајцарскиот сопственик на словенечката фармацевтска компанија беа потврдени и од словенечкото Министерство за здравство.