Претседателот на Собранието, Талат Џафери планира да закаже седница на 11 февруари со единствена точка на дневен ред – ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Следниот ден, 12 февруари, би требало да се одржи и последната седница на која ќе биде распуштен сегашниот пратенички состав и ќе бидат распишани предвремените парламентарни избори на 12 април.

Од кабинетот на Џафери информираат дека до 11 февруари се очекува протоколот да биде ратификуван во Шпанија, последна од 29-земји членки на НАТО која досега го нема направено тоа. Ако дотогаш не заврши процедурата во Шпанија, ратификацијата во македонското Собрание би била донесена со одложено дејство.

На 12 февруари, пак, ќе се одржи седницата за распуштање на Собранието. Џафери очекува седницата да заврши истиот ден имајќи предвид дека сите партии се согласни за одржување избори на 12 април.