Претставникот на Светската здравствена организација во Украина, Јарно Хабихт денеска изјави дека 10 милиони луѓе, или околу една четвртина од населението на Украина, можеби страдаат од ментални нарушувања поврзани со конфликтот во таа земја.

СЗО проценува дека до 10 милиони луѓе се изложени на ризик од некаква форма на ментално растројство, почнувајќи од анксиозност и стрес до посериозни состојби, истакна Хабихт на брифинг со новинарите во Женева, пренесе Ројтерс.

Потешките состојби вклучуваат посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) предизвикано од вознемирувачки настани.

Хабихт нагласи дека бројот на респираторни заболувања ќе се зголеми со студеното време и недоволното затоплување, како и сообраќајните несреќи предизвикани од неосветлените улици поради прекини на електрична енергија.

Здравствениот систем функционира. Но, бидејќи поминаа 10 месеци, тоа е огромен стрес тест. Постојано гледаме нови предизвици, рече тој.