Андрес Иниеста ќе пропушти 12 меча на Барселона во сите натпреварувања и два на Шпанија (квалификацискиот против Македонија за СП 2018 и пријателскиот против Англија) по тешката повреда во мечот со Валенсија. Резултатите од магнетната резонанца ги оправдаа првичните стравувања за состојбата на капитенот за што денеска официјално се огласи и клубот.
„Капитенот Андрес Иниеста ќе го пропушти првото „Ел Класико“ во сезоната. По тешката повреда на лигаментите во дуелот со Валенсија во Примера ќе пауза меѓу шест и осум недели“, стои во реакцијата на Каталонците.
Дуелот со Реал Мадрид е на распоредот на 3 декември. Дотогаш тренерот Луис Енрике нема да смета на Иниеста и за мечевите со Гранада, Севилја, Малага, Реал Сосиедад и Осасуна во Примера. Потоа за средбите со Манчестер сити, со Борусија Менхенгладбах и со Селтик во втората половина од групната фаза во Лигата на шампиони и против Херкулес во Купот на кралот.