Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон упати критики кон Русија, за која вели дека како сојузник потфрлила да ја спречи Сирија да изврши напад со хемиско оружје врз цивили во Кај Шеикун, кој е под контрола на бунтовниците.

– Русија се согласи да обезбеди уништување на хемиското оружје на Сирија, и тоа што потфрли го овозможи последниот напад, вели Тилерсон.
Министрите за надворешни работи во рамките на Г7 самитот ќе се сретнат денес, а според најавите, фокусот ќе биде кон Русија и Сирија, односно Владимир Путин да престане да го брани Башар Ал-Асад.

Дете се бори за живот по нападот со хемиско оружје

По самитот, Тилерсон продолжува во Москва, каде таму ќе се сретне со рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров.

Во нападот минатата среда загинаа 89 луѓе, по што САД самостојно изврши воздушни напади врз воени бази на Сирија, бидејќи како што изјави претседателот на Америка, Доналд Трамп, убиството на невини деца од страна на Асад, ги премина сите можни граници.

Русија е најголем сојузник на сиријската влада, и во 2013 година се обврза да го уништи хемиското оружје на оваа земја.

Според Русите, Сирија воопшто не е виновна за нападот, туку бунтовниците кои се против владата на Ал-Асад.