Наполи, Барселона, Арсенал и Баерн Минхен се казнети со вкупно 62.000 евра од дисциплинската комисија при Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) за испади на нивните навивачи во осминафиналето во Лигата на шампиони.

Најголем дел од сумата отпаѓа на италијанскиот клуб. Калчолигашот од Неапол ќе плати 38.000 евра за користење на ласери од трибините, за блокирани скалила на „Сан Паоло“, за фрлање на тврди предмети на терен и за палење факели во реваншот со Реал Мадрид.

Касата на Барселона ќе биде олеснета за 16.000 евра за влегување на навивачи во терен и за петте жолти картони што нејзините фудбалери ги добија против ПСЖ.

За идентична причина Арсенал е санкциониран со 5.000 евра, а Баерн Минхен ќе плати 3.000 евра за фрлање на тврди предмети во терен од навивачите во натпреварот со „топчиите“.