Комесарот со портфељ за проширување, Оливер Вархеји ја измести рамката на процесот на проширувањето, една од политиките на ЕУ која самата Унија ја вреднува како стратешки значајна.

Во неговиот последен твит напиша дека нема повеќе пречки за старт на преговори за Македонија. Тоа е точно така затоа што самата ЕК, чиј дел е Вархеји, веќе години наназад препорачува старт на преговори токму поради тоа што нема никакви пречки во однос на напредокот на државата на планот на деократијата, човековите права, слободниот пазар и другите важни критериуми за интеграција во ЕУ. Пречката која се појави е бугарското вето и барањето на Бугарија, Бугарите во Македонија да бидат внесени во Уставот пред стартот на преговори.

Проблемот е што овој бугарски став доби поддршка од самиот комесар кој сега веројатно ќе треба во Извештајот за напредок, во делот на човековите права, да констатира дека правата на Бугарите во Македонија се загрозени и дека Македонија треба да го менува Уставот доколку сака ЕК да препорача старт на преговори. Ова би бил чесниот и политички коректниот пристап на ЕК доколку пред Македонија се истопори услов за старт на преговори каков што е промената на Уставот. Се друго е грубо отстапување од стандардите и правилата на самата ЕУ.

Дополнително загрижува ова силување на европските стандарди ако се земе предвид дека Владата кај нас, а верувам и пошироката јавност, немаат посериозен проблем со внесување на Бугарите, заедно со Црногорците и Хрватите во преамбулата на Уставот. Ставот на Вартхеји, сам по себе, делува како обид да се распали бугарофобијата во Македонија, која рака на срце не е дека нема свои корени.

Ставањето на промената на Уставот како услов за старт на преговори, а не како процес кој без никаков проблем би можел да се одвива во текот на преговарачкиот процес во интерес на Македонија и бугарското малцинство па и на самата Бугарија, ако е таа навистина загрижена за положбата на Бугарите во Македонија, е доста проблематично.

Тешко е да се претпостави дека ова што го велам не му е познато на самиот Вархеји, па и на бугарската политичка елита, така што инсистирањето да се понижи Македонија, при тоа кршејќи ги сите утврдени европски процедури, наведува на сомнеж дека зад целата операција се кријат други и многу поопасни цели. На пример, одделување на Албанија во процесот на проширување во кој Македонија е закопана во место, секако отвара широко поле за иницијативи и политики во албанскиот политички камп, вклучително и оној на Косово за приклучување кон Албанија и барање спас од географскиот простор во Европа со недефинирана иднина. Се разбира, во едно вакво балканско атавистичко сценарио, источниот дел на Македонија би требало да замоли да и се приклучи на Бугарија.

За потсетување, некои значајни конзервативни структури во Грција на пример, долго навиваа и работеа на статус кво во односите со нас а со цел повторно да се доведе до внатрешна нестабилност во Македонија поради отсуство на евроатланската перспектива и на тој начин да се испровоцира имплозија која би довела до судири по етнички линии со крајна цел распаѓање на македонската држава. Звучи морничаво и конспиративно, но во актуелните околности се чини како единствено логично толкување на овие политики на чие чело застана самиот еврокомесар чиј стопан патем наголемо работи на ревизионистички национални политики во обид да ја врати “големината” на државите од минатото, во кое разбирливо за Македонија нема место.

И обратно доколку Вархеји и бугарската политичка елита, на чело со Радев, се навистина загрижени за европските вредности и правата на Бугарите, сосема логично е сето тоа да се решава во преговарачкиот процес. Логично е на пример, во “фундаметите” да зборуваме за дискриминација или говор на омраза. Доколку таквите антицивилизациски ситуации постојат, се разбира дека е потребна блокада на преговарачкиот процес. Неа може да ја издејстуваат припадниците на ЛГБТ заедницата, Ромите или било која друга ранлива група која е таргет на говорот на омраза. И тука немаме никаво проблем. Напротив, сите ние кои ја сакаме демократијата, треба да инсистираме на тоа бидејки во годините во кои ќе се преговара никој не може да исклучи појава на авторитарни ликови кои се и сега актуелни на политичката сцена а кои ја чекаат својата шанска да удрат уште еднаш и тоа посилно од Груевски врз “фундаментите” на една ервропска и демократска држава. Слично важи и за дискриминацијата.

Што се оденсува до македонскиот јазик таа тема е дрскост да се спомене. Македонскиот јазик е во ОН и во секој релевантен лингвистички атлас во светот. И тука нема основ за било каква дебата. А за историјата, на која треба да се реферира квалитетот на преговарачкиот процес, тешко е воопшто да се разговара бидејќи оние сесии на Комисијата за историски прашања ќе бидат сцени на кои бугарските квазиисторичари и некогашни полицајци ќе парадираат со невкусна супериорност и ароганција со едниствена цел да понижат.

И повторно, обратно, доколку успееме да разговараме за историјата вон преговарачката рамка во еден смирен амбиент, не гледам пречка некои работи да бидат корегирани кај нас. На пример, одамна зборувам дека не ми е јасно како е можно да не му се извиниме на еден Венко Марковски, антифашист, лидер во НОБ, писател кој сме го протерале само затоа што е Бугарин. Претпоставувам дека имало уште многу вакви ситуации во минатото кои би требало да бидат предмет на поширока дебата и ревалоризација во наставните содржини во образованието.

Што се однесува до македонската дипломатија, таа, за жал, никогаш не проработе. Од потпишувањето на Договорт за соработка и пријателство во 2017 година ниту еден гест на дипломатијата или било која друга институција не ставија камче во градењето на мостови меѓу двете земји кои дури и во вакви околности денеска ќе беа од голема корист во смисла на градење на атмосфера која силно ќе се спротивставеше на националистичките и ретроградни тенденции кои како што видовме го киднапираа целиот процес.

Граѓанскиот сектор, во двете држави, особено имаше огромен интерес да се вклучи во процесот. Наместо тоа имавме луѓе вљубени во својот лик и дело, со верба дека западот е фасциниран од нивната умешност и дека тој шарм ќе ги натера да и ја свиткаат кичмата на Бугарија. И така, кога еден значаен процес ќе заглави во круг на некадарни и матни идеологии го имаме ова што ни се случува денес. И ако ЕУ навистина дозволи нејзиниот сопствен процес, методологија и стандарди да бидат вака понижени од луѓе во шинели од Првата светска војна, тогаш навистина не ја гледам целта наречена Европска унија.

Борјан Јовановски