Бројни новинарски екипи од регионот и пошироко ја следат средбата на српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти во Охрид. Во пресрет на заклучоците од оваа важна средба, новинарската екипа на ЦИВИЛ Медиа разговараше со повеќе новинари и уредници од големи медиумски куќи во регионот. Еден од нив е Жељко Шајн, специјален дописник на белградска „Политика“ кој за ЦИВИЛ Медиа даде своја оценка за настанот.

Шајн е воздржан во оценката на средбата Вучиќ – Курти во Охрид, под покровителство на ЕУ.

„Од денешните разговори во Охрид за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина не може да се очекува испишување на некоја политичка симфонија, но како увертира ќе се разговара, меѓу другото, за моделот на Заедницата на српските општини во Косово“, истакна Шајн.

Тој вели дека не може да се очекуваат лесни преговори и заради сложена меѓународна ситуација заедно со војната во Украина од една страна, како и од сложената ситуација и во Србија и Косово.

„Сѐ уште ги имаме последиците од распаѓањето на Југославија како што е барањето на Косово да биде меѓународно признаена држава, а Србија со својот устав не може да го прифати тоа“, ни рече Шајн.

Тој рече и дека овие преговори имаат за цел да постигнат компромис за мирно разрешување на недоразбирањата.