Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Заев вршат притисок врз судиите, обвини преку соопштение ВМРО-ДПМНЕ. Од паријата ги охрабруваат судиите да не подлегнуваат на притисоците на СЈО, и велат дека на „оние судии кои работат по закон, а не по диктат на двоецот Заев/СЈО им висела заканата од генерален реизбор која им ја упатил Заев“.

„Јанева се придружи со манипулативните јавни прозивки обидувајќи се да го засили притисокот врз судиите да ги исполнуваат нарачките од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува судиите да не подлегнуваат на притисоците кои, како што вели, се резултат на фрустрации. Со повлекувањето на предметот „Пуч“ и аболицијата на криминалецот Заев, Катица Јанева ја поништи и основната причина за постоењето на СЈО, смета партијата. Јанева и СЈО се срам за правосудниот систем. СЈО се заортачи со аболираниот криминалец Зоран Заев и работи по негов диктат, притиска судии да ги вршат валканите нарачки на СДСМ, а без да ги види доказите на слобода пушта криминалци како Верушевски кои и нанеле огромна штета на Македонија и македонските граѓани“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.