Врховниот суд зад затворени врати денеска одлучуваше дали се законити одлуките на Кривичниот и Апелацискиот суд за обвинетиот градоначалник на Битола, Владимир Талески да добие само куќен притвор за случајот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), објави СДК.мк.

Седницата заврши, но одлука не е донесена. Таа одлука само ќе биде оценка за исправноста на одлуките на пониските судови за Талески и ништо нема да смени. Судењето против градоначалникот на Битола треба да почне деновиве. Тој е обвинет дека во договор со директорите на основните училишта го оштетиле буџетот за 360 илјади евра, при превозот на ученици во градот.

Талески во овој случај е обвинет за проневера на 360.000 евра.

Вангеловски и четворицата врховни судии од Кривичниот совет на Врховниот суд денеска расправале и за законитоста во врска со предметот за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. СЈО најави обвинение за случајот „Титаник“, па непознато е каква улога би имала одлуката на Врховниот суд и за притворот на Темелко, која се носи по вторпат.