Со меѓусебни обвинувања на пратениците од власта и опозицијата кој што (не) направил во изминатиот период, во Собранието почна вториот ден од расправата за ребалансот на Буџетот.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вчера го бранеше ребалансот и објаснуваше дека 25 милиони денари се додадени за животната средина, здравството и инфраструктура, со навремено и редовно испорачување на јавните услуги.

За пратениците од владиното мнозинство ребалансот е соодветен и навремен фискален одговор на глобалните случувања, додека опозицијата смета дека земјата е банкротирана и брзо оди кон рецесија и сиромаштија.

Пратеникот Аднан Незири од Алијанса за Албанците во својата дискусија рече дека Буџетот не може да фати чекор со зголемувањето на цените и со инфлацијата.

„Со ребалансот на Буџетот се предвидува пораст на бруто општествениот производ, ние повторно изразуваме сомнеж дека ова нема да  се реализира, бидејќи имаме поскапување на енергетските  ресурси, раст на инфлација, и се тоа влијае да имаме пораст на овие економски параметри. Поскапувањето на цената на енергенсите ја поскапуваат и цената на прехранбените и други проиозводи, предвидувавте дека инфлацијата ќе биде околу 5 отсто, а еве таа е над 8 отсто. Имаме и буџетски дефицит. Едно од главните прашања е зошто не се  реализираат капиталните инвестиции? Има проблеми со проекциите, бидејќи ги прават институции кои немаат можност да предвидат опасности и предзивици кои во меѓувреме можат да се појават“, предупреди Незири.

Тој се осврна и на изградбата на автопатите. „Автопатот Скопје – Блаце и Кичево – Охрид, веќе подолго време не се реализира и сето ова е последица на нестручна работа. Има и финансиски злоупотреби, а оваа Влада, иако во својата програма тоа го предвидуваше, наместо да ја намали државната администрација за 20 отсто, тоа досега не го направи“, рече Незири реагирајќи што не се прифаќаат амандманите на опозицијата. 

„Не се почитува опозицијата, од амандманите кои ги поднесовме од  Алијанса за Албанците прифатен е само дел од амандманот“, додаде Незири.

Нему му реплицираше Јасмина Лазаревска, пратеничка од СДСМ, која нагласи дека „и во време на глобална криза, се грижиме за подобрување на стандардот на граѓаните“.

„ Со ребалансот обезбедивме 4,7 милијарди денари за нови таргетирани мерки за помош на категории граѓани, 1,9 милијарди денари за нови вработувања, што е зголемување за 171 милиони денари. Додека за набавка на инвентар се определени помалку средства. Ние се грижиме за стандардот на граѓаните, нето-платата се зголеми за 10 отсто од почетокот на годината и во април просечната  плата изнесува околу 31. 000 денари и бележи раст од 40 отсто во споредба со 2016 година. Потоа, над 90. 000 вработени во јавниот сектор ќе добијат повисоки плати од септември, а пензионерите  повисоки пензии“, рече Лазаревска.

Пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски, нагласи дека ребалансот е соодветен и навремен во однос на глобалните текови и е насочен кон справување со економската криза, дека се предвидуваат средства за зајакнување на економијата.

– Се намалуваат непродуктивните трошоци со овој ребаланс и сите средства се насочуваат кон човечките ресурси. Се очекува да има и раст на побарувачката на работната сила. А јавниот долг е намален за 3,7 отсто, рече Каевски.

Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ запраша ја губат ли платите борбата со инфлацијата и колкава е реализацијата на капиталните инвестиции. Тој нагласи „лага е оти непродуктивните трошоци се скратени, бидејќи патните расходи се зголемени, а договорните услуги се на исто ниво“.

Санела Шкријељ, независна пратеничка, истакна дека со овој ребаланс предвидени се средства за унапредување на правата на лицата со попреченост, да се стекнат со квалитетно образование и да имаат пристап до пазарот на труд. Се поместува и старосната граница која досега беше до 26 години за ослободување од плаќање за партиципација на овие лица.

„Целта на овој пакет мерки за кој се обезбедени средства со ребалансот не е само зголемување на висината на правата, туку и зголемување на обемот и достапноста до квалитетни услуги во делот на социјалната заштита, образованието и здравството. Понатаму, покачување за 15 отсто на правото за посебен додаток за сите три категории. Со ребалансот се обезбедуваат и средства за ангажирање на 225 образовни асистенти, а сите знаеме дека минатат година се обезбедија средства за вработување на 500 образовани асистенти“, порача Шкријељ и додаде со ребалансот се зголемуваат и блок дотациите за општините за градинките и за училиштата.

Дискусијата за дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот може да трае најмногу пет дена.

Министерот Бесими од собраниската говорница вчера порача дека со ребалансот на Буџетот се дава поддршка за повисоки пензии, повисоки плати, субвенции за поддржување на земјоделците и низа антикризни мерки.
Во дополнетиот ребаланс на Буџетот се вградени амандмани со кои се обезбедуваат дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата. Вкупните приходи се планираат на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или се околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. (Љ.Б.)