Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека никој не може на сила да ја преземе власта во Србија по јасно изразената волја на народот кој на неодамнешните избори се изјаснил каква влада сака.
„Мене никогаш нема да ме исплашат и скршат. И главата на трупец да ми е, нема да ме скршат. Јас сум оној кој го бира наредниот мандатар. Објективно може да ме убијат, но тогаш ќе требаат претседателски избори, бидејќи ќе нема кој да именува мандатар. Не гледам што можат друго да направат“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк од Париз, пред работната вечера со францускиот претседател Емануал Макрон.
Обраќајќи се на „сите нормални луѓе кои се против насилство и дивеење“, Вучиќ им порача да бидат воздржани, да не покажуваат нервоза и да не одат на собири за да избегнат заразување со Ковид-19. Тој уште еднаш оцени дека протестите во Белград немаат врска со мерките против коронавирусот, туку дека станува збор за желба некои да дојдат на власт без избори.